Пандемијата потсети колку е важна соработката меѓу земјите, се дел од пораките кои ги испратија вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Тие беа дел од 22. Меѓународен симпозиум „Сими“, кој оваа година се одржува во Атина и Лагониси под покровителство на грчкото претседателство со Советот на Европа, а во организација на Фондацијата Андреас Папандреу.
Во фокусот на овој симпозиум, соопштија од Владата, е соработката и солидарноста во контекст на пандемијата со ковид-19, како и светот потоа.
Шекеринска: Концептот на безбедност мора да се редефинира
Министерката за одбрана беше дел од панелот насловен „Светот по ковид-19“ и на него се дискутирало за политичките и безбедносните глобални предизвици од коронавирусот, а таа порачала дека концептот на безбедност мора да се редефинира.
„Пандемијата покажа дека концептот на безбедност мора да се редефинира и прошири. Тоа повлекува промени во нашите национални стратегии, но и промени во планирањето од страна на НАТО, поддржано и на последните министерски состаноци. Пандемијата воедно го потсети светот за важноста од вложување во јавното здравство и научната соработка“,
истакна Шекеринска.
Покрај неа, на овој панел учествуваа и заменик генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, како и политичари и експерти од САД, Шведска, Турција и Франција.
Димитров: Нашиот регион е во ист брод со ЕУ
Министерот за надворешни работи, пак, говореше на панелот „Ковид-19 и регионалната соработка – приоритизација на заедничките интереси“. Во својот говор тој порача дека се неопходни мерки за ублажување на последиците од ковид-19, а зборуваше и за тоа дека местото на овој регион му е во Европската Унија.
„Географски, културолошки, економски, нашиот регион е во ист брод со Европската Унија. И ние сега сме во трка со времето. Да го направиме Западниот Балкан целосно европски, каде тензиите околу национализмот, границите, историјата ќе го отвораат патот за посветла сегашност и иднина на денешните и следните генерации. Да ги убедиме скептичните во ЕУ дека е од заеднички интерес да се инвестира во оваа цел, како и да ја вратиме надежта кај младите од регионот, дека целта за подобар и просперитетен живот, владеење на правото, квалитетни образовни и здравствени услуги, чист воздух, е достижна и дома. Притоа, ангажманот и помошта од големите политички сили секако се многу важни, но ние сме тие што треба да ги создадеме приликите на терен. И ова чувство на соработка, солидарност и заедништво што полека, но сигурно, повторно се роди за време на кризата со пандемијата, е особено важно сите заедно да го негуваме и понатаму во рамки на пристапниот процес кон остварување на целта за целосно европски Западен Балкан“,
истакна Димитров.
Покрај него, на овој панел учествуваа и поранешните премиери на Грција и Косово, Јоргос Папандреу и Албин Курти.
На маргините на Симпозиумот, соопштија од Владата, Димитров оставил и неколку средби меѓу кои и со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милитиадис Варвициотис. Со него разговарале за главните прашања од агендата на грчкото претседателство со Советот на Европа.