„Разговорите беа за актуелни прашања поврзани со развојот на настаните на меѓународно ниво, обезбедувањето на регионална безбедност и продлабочување на руско-севернокорејската соработка во услови на засилен притисок од надворешни сили“, се наведува во соопштението на руската Надворешна разузнавачка служба (СВР)
Шефот на руската Надворешна разузнавачка служба (СВР), Сергеј Наришкин, неделава ја посетил Северна Кореја, а целта, како што соопшти денеска службата, била продлабочување на соработката меѓу Москва и Пјонгјанг и разговори за пошироката регионална безбедност.
СВР, главниот наследник на Првата главна управа на поранешната КГБ, соопшти дека Наришкин бил во Пјонгјанг од 25 до 27 март. Инаку, информацијата за посетата првично ја објави севернокорејската државна новинска агенција – КЦНА.
За време на посетата на Пјонгјанг, шефот на СВР се сретнал со севернокорејскиот министер за државна безбедност Ри Чанг Дае, објави руската разузнавачка служба.
„Разговорите беа за актуелни прашања поврзани со развојот на настаните на меѓународно ниво, обезбедувањето регионална безбедност и продлабочување на руско-севернокорејската соработка во услови на засилен притисок од надворешни сили“,
соопшти СВР, а пренесе руската државна новинска агенција ТАСС.
Севернокорејската државна новинска агенција (КЦНА) објави дека двете страни разговарале за натамошно зајакнување на соработката против „зголемениот број шпионски и потези на ширење заговори од страна на непријателските сили“.
Рускиот претседател Владимир Путин ги продлабочи врските со Северна Кореја по инвазијата на Украина во 2022 година. САД и нивните сојузници ги осудија, како што велат, значајните испораки на севернокорејски ракети до Русија со што ја помагаат воената агресија на Москва врз Украина.
Од друга страна, пак, Русија и Северна Кореја ги отфрлаат ваквите критики.
Москва вели дека е нејзина работа со кои земји ќе ги развива врските и дека нејзината соработка со Пјонгјанг не е во спротивност со меѓународните договори.