На вчерашната конференција за локални медиуми, јужнокорејскиот министер Шин Вон сик рече дека контејнерите би можело да содржат повеќе од 3 милиони артилериски гранати од калибар 152 мм или 500 000 гранати од калибар 122 мм
Северна Кореја од јули минатата година испратила околу 6 700 контејнери со милиони парчиња муниција во Русија за да ја поддржи нејзината војна против Украина, во согласност со договорот за размена на оружје, објавија јужнокорејските медиуми цитирајќи го министерот за одбрана.
На вчерашната конференција за локални медиуми, јужнокорејскиот министер Шин Вон сик рече дека контејнерите би можело да содржат повеќе од 3 милиони артилериски гранати од калибар 152 мм или 500 000 гранати од калибар 122 мм.
„Исто така, можно е да се работи за комбинација, а може да се заклучи дека се испратени најмалку неколку милиони гранати“,
рече министерот Шин, пренесе агенцијата Јонхап.
Стејт департментот објави слични податоци
Стотици севернокорејски фабрики за муниција работат со околу 30 отсто од нивниот капацитет поради недостиг на суровини и електрична енергија, а оние кои произведуваат артилериски гранати за Русија работат со „полна пареа“, додаде тој, без да наведе извор.
Сеул и Вашингтон ги обвинија Пјонгјанг и Москва за трговија со оружје, тврдејќи дека Северна Кореја ја снабдува Русија со оружје за нејзината војна против Украина. И Русија и Северна Кореја го негираа ова, иако ветија дека ќе ја зајакнат воената соработка.
Американскиот Стејт департмент во петокот објави дека Северна Кореја од септември ѝ испорачала на Русија повеќе од 10 000 контејнери со муниција или слична опрема. Во замена, Северна Кореја добила околу 9 000 контејнери главно со храна. Шин вели дека тоа помага да се стабилизираат тамошните цени.