Лицето С.С. влегло во ВИП-салонот на Меѓународниот аеродром „Скопје“, по што се заканувало по животот на вработените во ТАВ-Скопје и на полициски службеници од граничната полиција, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи
Началникот на Одделението за лично обезбедување на претседателот на Собранието Африм Гаши доби кривична пријава и е отстранет од работното место по инцидентот што се случи во четвртокот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека кривичната пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение дека лицето С.С сторило две кривични дела – загрозување на сигурноста по член 144 од КЗ и спречување службено лице во вршење службено дејстиве по член 382 од КЗ.
„Пријавениот С.С. на 1.8.2024 г. околу 10:30 часот на Меѓународен аеродром ‘Скопје’ на паркингот пред ВИП-салонот пристигнал со возило со поставени ротациони светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник од ПС за ГП Меѓународен аеродром Скопје кој извршувал работни задачи пред вратата на ВИП-салонот му се обратил на висок тон, го турнал наназад со двете раце и заканувајќи му се го спречил полицискиот службеник како службено лице во извршување на своите службени дејствија“,
се вели во соопштението.
Потоа, се вели, заедно со уште двајца полициски службеници од Секторот за обезбедување личности влегол во ВИП-салонот и движејќи се во простории каде што немал овластување за движење и престој, на присутните вработени во ТАВ-Скопје, полициски службеници од граничната полиција и Одделот за заштита на определени личности и објекти, почнал да им се заканува по животот, водено барајќи да ја спроведе претседателката со возило до авионот.
„ОВККИПС согласно своите надлежности и овластувања ќе поднесе предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност против полицискиот службеник С.С. и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место – суспензија до завршување на дисциплинската постапка, а против полициските службеници С.Р. и Н.Б. ќе поднесе предлог за поведување постапка за кршење на работниот ред и дисциплина поради извршување незаконита наредба, несовесно извршување работни задачи и рушење на угледот на полицијата“,
велат од МВР.
Дополнително, се вели дека тој бил испратен на Меѓународниот аеродром „Скопје“ од страна на претседателот на Собранието, Африм Гаши, за да се надмине недоразбирањето со претседателката на Косово во врска со безбедносните процедури за преглед на багаж и електронски уреди при летање со комерцијални летови.
Претходно денеска, на новинарско прашање дали инцидентот на Меѓународниот аеродром „Скопје“ ќе ги влоши односите помеѓу двете земји, премиерот Мицкоски рече дека два вакви слични инциденти се случиле и на 16 септември и 9 октомври минатата година, а разликата помеѓу тогаш и денес е што сега, според него, постои јавност која е информирана за разлика од минатото кога овие два случаи не биле обзнанени. Иако не сакаше да навлегува во детали за тоа што точно се случувало минатата година, Мицкоски рече дека постојат политичари кои сакаат да спечалат ситни политички поени и кои ќе се обидуваат и во иднина да влијаат негативно во меѓусебните односи помеѓу владите на двете земји, но дека нема да успеат.
„Слушав изјави дека се црвенееле некои политичари, ова не требало да се случи но истите тие претпоставувам се црвенеат од 2023 година зашто два вакви слични инциденти се случиле и на 16 септември и 9 октомври се случиле овие инциденти, кога овие политичари кои тогаш биле власт, а сега се црвенеат. Разликата е сега што има јавност, а тогаш немаше. Бидејќи оваа влада е демократска, транспарентна и не е како таа претходната која беше по принципот ‘како досега’“,
рече Мицкоски.
Премиерот на Косово, Албин Курти, пак, рече дека и тој очекува официјалниот извештај да го расветли прашањето во целост и дека потребно е да се дознае вистината за случајот, а не да се создаваат тензии. Дополнително, рече, иако инцидентот бил доживеан како тешко искуство на претседателката Османи, сепак, треба да се утврди што точно се случило за да не се повторуваат вакви непријатни ситуации.
„МНР даде своја изјава што е став на Косово, го видовме и ставот на МНР на Македонија. Верувам дека за цел треба да ја имаме вистината, а никако тензии. Нека се расветли случајот, тука се сите органи, јас и Мицкоски не можеме да бидеме и цариници, полиција и инспекторати итн. Постојано стануваме сигурни експерти на многу технички прашања, но во однос на суштината на прашањето одговоривме и мерките се преземаат“,
порача Курти.