„За време на посетата, Борел ќе оствари голем број билатерални средби, вклучително и со претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и претседателот, потпретседателите, координаторите на политичките партии и претседателите на Националниот совет за евроинтеграции – Комисија за Европски прашања на Собранието на Северна Македонија“, информираат од Делегацијата на ЕУ во земјава
Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, ќе престојува во дводневна посета на земјава на 16 и 17 март. Во земјава Борел ќе допатува од Албанија каде што ќе престојува претходно, соопштија денеска од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Посетите, како што се наведува во соопштението, ќе бидат можност да се разгледаат билатералните односи меѓу Европската Унија со С Македонија и Албанија во рамките на Договорите за стаблизиција и асоцијација на двете земји. Ќе се разговара и за неодамнешните случувања во двете земји и во регионот на Западен Балкан.
Ова е првпат, наведуваат од Делегацијата на ЕУ, во Тирана и во Скопје да се одржат Советите за стабилизација и асоцијација.
Шефот на европската дипломатија, според агендата, в четврток, на 16 март, е предвидено да се сретне со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, а потоа ќе ја предводи делегацијата на ЕУ на 16. Совет за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Северна Македонија што ќе се одржи в петок, на 17 март.
Со Советот ќе претседава Северна Македонија, која ќе ја претставува премиерот Ковачевски, а претставник на Европската комисија ќе биде комесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји. По Советот е планирана заедничка прес-конференција.
„За време на посетата, Борел ќе оствари голем број билатерални средби, вклучително и со претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и претседателот, потпретседателите, координаторите на политичките партии и претседателите на Националниот совет за евроинтеграции – Комисија за Европски прашања на Собранието на Северна Македонија“,
информираат од Делегацијата на ЕУ.
Во Албанија, шефот на европската дипломатија в среда ќе се сретне со премиерот Еди Рама пред да претседава со 12. Совет за стаблизизација и асоцијација меѓу ЕУ и Албанија што ќе се одржи наредниот ден. Албанија на Советот ќе ја претставува премиерот Рама, а Европската комисија комесарот Вархеји.
За време на посетата на Албанија, Борел ќе учествува и на инаугурацијата на Венецијанската кула во Драч, чија реставрација е финансирана од ЕУ, и ќе разговара со претставници на младите во земјата.
Инаку, како што е најавено, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Борел, в сабота, на 18 март, во Охрид ќе биде домаќин на средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, во рамките на дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Косово што се водат под покрoвителство на Европската Унија.