На својот канал на Телеграм, во својот прв јавен коментар по притворањето минатиот месец, Дуров негираше каква било сугестија дека апликацијата е „анархичен рај“
Павел Дуров, основачот на апликацијата Телеграм, кој е под истрага во Франција, денеска објави дека француските власти наместо да го приведат, требало да ѝ се обратат на неговата компанија.
На својот канал на Телеграм, во својот прв јавен коментар по притворањето минатиот месец, Дуров негираше каква било сугестија дека апликацијата е „анархичен рај“.
Тој рече дека истрагата за апликацијата го изненадила бидејќи француските власти можеле во секое време да стапат во контакт со претставникот на Телеграм во ЕУ.
„Ако државата не е задоволна со интернет-услугата, стандардна практика е да покрене правна постапка против самата услуга. Користењето закон од ерата пред паметните телефони за да се обвини извршен директор за злосторства извршени од трети лица на платформа со која тој управува, е погрешен пристап“,
напиша Дуров.
Тој рече дека Телеграм не е совршен, но негираше каква било злоупотреба поврзана со апликацијата.
„Но, тврдењата во некои медиуми дека Телеграм е некаков анархичен рај се апсолутно лажни. Секојдневно отстрануваме милиони штетни објави и канали“,
посочи Дуров.
Дуров е роден во Русија, но подоцна доби француско државјанство. Тој беше приведен кон крајот на минатиот месец во Франција во услови на истрага за злосторства поврзани со детска порнографија, трговија со дрога и лажни трансакции поврзани со апликацијата.