Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска информира дека се размислува за директната финансиска поддршка на лицата со попреченост во рамки на петтиот пакет мерки за справување со ковид-кризата. Според неа, во тек е анализа кои категории не биле воопшто опфатени со мерките.
„Разговараме овој последниот пакет, дел од лицата со попреченост кои по друга основа не биле внесени во мерките за финансиска поддршка што ги дава Владата да бидат внесени во овој петтиот пакет. Како Министерство ја правиме анализата од она што го имаме како податоци во нашите регистри по различни основи. Не е тоа голема бројка, така да верувам дека малку останале неопфатени според нашите првични анализи. Доаѓаат апели за поддршка на семејствата со деца кои посетуваат дневни центри“,
изјави министерката.
Таа вели дека и досега постоела индиректна помош за одредени категории лица со попреченост.
„Имавме пензионери кои се и граѓани со попреченост, или примаат додаток за попреченост или додаток за помош и нега. Дел од другите се приматели на социјална пензија. Дел од нив се приматели на семејна пензија, дел од барателите кои се лица со попреченост пријавено во агенцијата за вработување“,
истакна Шахпаска.
Министерството за труд и социјална политика овие анализи ги координира со кабинетот на вицепремиерот за економски прашања.