Првичната замисла на ресорното министерство беше недела да биде неработен ден за сите работници, освен за оние во дејностите кои се неопходни за непречено функционирање на државата
Министерот за економија Крешник Бектеши порача внимателно да се разгледа ова прашање и трговските центри, сепак, да работат во недела
По повеќе од три месеци најава, уште не е готово законското решение за недела да биде неработен ден. Министерката за труд и социјална политика вели дека произлегле и други размислувања за кои се дебатира отворено.
„Како носители на одлуките мора да се соочиме со бројките и реалноста и оттука размислуваме и за делот на работењето на трговските центри“,
рече Шахпаска во одговор на прашање при денешната презентација на Оперативниот план за активни програми и мерки 2021 година.
Сепак, вели министерката, доколку во конечното решение се одлучи трговските центри да работат во недела, тоа ќе биде под строго дефинирани критериуми.
„Строго определено работно време, но и обврски на сопствениците на продавниците за одреден процент од средствата да се слеваат во државната каса и дополнителен надомест за работниците кои ќе работат во недела“,
кажа министерката.
Анализите и бројките, како што кажа, говорат дека трговските центри повеќе од 50 проценти од нивниот седмичен промет го прават точно во недела.
„Тоа се сериозни бројки кои се придонес на целокупната економија во државата, а доколку се согледаат и аргументите за шопинг-туризмот на граѓани од нашите соседни држави и тие бројки не треба да се занемарат“,
потенцира Шахпаска.
Првичната замисла на ресорното министерство беше недела да биде неработен ден за сите работници, освен за оние во дејностите кои се неопходни за непречено функционирање на државата.
Со ова не се согласува министерот за економија Крешник Бектеши, кој порача дека законското решение не треба да важи за трговските и туристичките центри, оти се работи за големи инвестиции и прилив на странски туристи во земјава. Тој порача внимателно да се разгледа прашањето и трговските центри да работат во недела.
Инаку, Владата уште во ноември го задолжи Министерството за труд и социјална политика во рок од 15 дена да достави предлог-законско решение за недела да стане неработен ден. Во интервју за „360 степени“, министерката Шахпаска кажа дека се финишира драфтот на законското решение, за кое изминатиот период имало опсежна дебата со сите засегнати страни.
„Сите фабрики, индустријата, кај којашто нема потреба од континуитет на техничко-технолошкиот процес нема да работат во недела, трговската мрежа нема да работи, текстилните фабрики нема да работат. Тоа е она што во најголем дел го сочинува, можеби вака изгледаат три области, меѓутоа тоа опфаќа најголем дел од работниците во општеството. Ќе работат само оние што се неопходни да работат за непречено функционирање на процесите во државата“,
кажа Шахпаска во интервју за „360 степени“ минатиот месец.
Министерката во интервјуто посочи дека нема притисоци, туку конструктивен дијалог.