Од Владата информираат дека преку членството во Глобалниот форум за киберекспертиза ќе се работи на зголемување на меѓународната соработка и координација на Владата и организациите кои даваат поддршка и работат на кибертемата во Северна Македонија, за што Форумот има изработено платформа за мониторинг и координација на проектите и активностите
Северна Македонија стана 103. членка на Глобалниот форум за киберекспертиза (ГФЦЕ), во која членуваат и соработуваат владите на најразвиените земји во светот на темата кибербезбедност, организации како ОБСЕ, Светска банка, Обединети нации, Европската Унија, Совет на Европа, Интерпол и други, информираа денеска од Владата.
„Преку ГФЦЕ ќе се работи на зголемување на меѓународната соработка и координација на Владата и организациите кои даваат поддршка и работат на кибертемата во Северна Македонија, за што ГФЦЕ има изработено платформа за мониторинг и координација на проектите и активностите“,
се наведува во владиното соопштение.

Зајакнувањето на кибербезбедноста и отпорноста, нагласуваат од Владата, е клучен елемент во одбраната на секоја држава и затоа Северна Македонија продолжува да работи со меѓународните партнери на оваа тема.
„За да ги достигнеме ЕУ стандардите на кибербезбедно општество, штитејќи ги граѓаните и државните системи од кибернапади“,
се додава во соопштението испратено од Владата.