„Ако се споредиме со Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина или другите држави во соседството, кои потрошиле милијарди само за овие месеци, ние целосно не сме потрошиле ни 120 милиони евра“, истакна министерот за економија Крешник Бектеши при неговата посета на Технолошко-развојната зона во Тетово, од каде што ја извести јавноста оти ТИРЗ Тетово е во крајна фаза да стане првата зелена зона на ниво на државата и регионот со дополнителни инвестиции во капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори
Со воведувањето на кризната состојба, Северна Македонија успешно ја менаџира енергетската криза и во споредба со другите држави од соседство има потрошено многу помалку пари, оцени министерот за економија Крешник Бектеши додавајќи дека моментално во земјава нема рестрикции и ценовни шокови за домаќинствата и малите потрошувачи.
„Горд сум на се што досега сме постигнале, а не сме трошеле од Буџетот. Ако се споредиме со Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина или другите држави во соседството, кои потрошиле милијарди само за овие месеци, ние целосно не сме потрошиле ни 120 милиони евра“,
истакна Бектеши за време на неговата посета на Технолошко-развојната зона во Тетово.
Тој објасни дека без воведување на кризната состојба во делот на енергетиката и топлинската енергија, немаше да може да се создадат поволни услови за менаџирање на кризата.
„Во однос на последната одлука одвоени се некаде околу 50 милиони евра, имајќи во предвид дека производната цена на електричната енергија на ЕСМ е некаде околу 61 евро. Во моментов увезуваме и јаглен, а после 12 години со одлука на Владата по предлог на Министерството за економија ја ставивме во функција ТЕЦ Неготино. Под берзански цени работи ТЕ-ТО. На берза моментално цената е 240 евра по мегават час, додека ТЕ-ТО ја продава на државата за 190 евра, со што ќе заштедиме 50 евра по мегават час како држава. Ова не можевме да го направиме без да објавиме кризна состојба во делот на енергетиката и топлинската енергија“,
изјави министерот Бектеши.
Министерот Бектеши денеска беше во посета на Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Тетово, од каде ја извести јавноста оти ТИРЗ Тетово е во крајни фази да стане првата зелена зона на ниво на државата и регионот со дополнителни инвестиции во капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, за потребите на компании во зоната но и за други компании.
Согласно последните измени и дополнувања на Законот за енергетика, Бектеши нагласи оти Владата ќе создава услови за да може да се направат што поголеми инвестиции во делот на обновливите извори и воедно информираше оти се работи на измена на правилникот со кој ќе се овозможи домаќинствата да инвестираат во дополнителни капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори до шест киловати, за разлика од моментално дозволените четири киловати.
Дополнително, за компаниите наместо сега дозволените 20 киловати ќе се овозможи на своите покриви да постават фотоволтаици со капацитет до 60 киловати.