Северна Македонија како членка на НАТО има важна улога за безбедноста во регионот, направен е исклучителен прогрес и денеска земјата е полноправна членка на Алијансата која годинава ќе постигне целосна воена интеграција во структурите на НАТО. Тоа во денешниот телефонски разговор го заклучиле министерката за одбрана Радмила Шекериска и потсекретарот за одбрана на САД за политички прашања, Колин Кал.
Шекеринска, како што соопшти Министерството за одбрана, во разговорот истакнала дека Северна Македонија е целосно посветена на вредностите на Алијансата и дека пример за тоа е учеството на припадниците на Армијата во мисиите на НАТО. Таа порачала дека капацитетите на Армијата се и капацитети на НАТО, посочувајќи го армискиот полигон Криволак кој континуирано се развива со поддршка на САД. Полигонот Криволак годинава беше домаќин на македонско-американската вежба „Одлучен удар“ и доби високи оценки од сојузниците за можностите кои ги нуди за реално извежбување и развој на интероперабилноста помеѓу земјите-членки.
Министерката рече дека приоритет останува стабилниот раст на одбранбениот буџет, реализацијата на отпочнатиот процес на модернизација, како и одржувањето на интензивниот процес на тренинг и дополни дека Министерството направило големи чекори во однос на градењето интегритет и транспарентноста.
Потсекретарот за одбрана Кал, изразил поддршка за реформските процеси и процесот на модернизација на Армијата и порачал дека САД продолжуваат да бидат искрен и верен сојузник и партнер.