Северна Македонија и САД денеска ќе потпишат, како што соопшти Владата, меморандум за разбирање за безбедност во 5Г-технологии. Потпис на документот ќе стават премиерот Заев и потсекретарот за економски раст, енергија и животна средина на Соединетите Американски Држави, Кит Крач.

Станува збор за договор со кој земјава ќе се обврзе дека нема да користи 5Г технологија од „непроверени и некридиблни“ производители. Со други зборови, со овој меморандум во Северна Македонија ќе се оневозможи инсталирање чувствителна телекомуникациска опрема која може однадвор да биде злоупотребена за собирање податоци за македонските граѓани. Засега, со ваквите меморандуми кои САД ги потпиша со Франција, Велика Британија, Холандија, Данска, Норвешка, најмногу се погодени кинеските телекомуникациски гиганти „Хуавеј“ и „ЗТЕ“.
Пред еден месец „360 степени“ истражуваше на оваа тема и дојде до сознанија дека најголемиот телекомуникациски играч во земјава – Телеком, е во процес на набавка на нова опрема, меѓу другото, и за 5Г-мрежа и дека на тендерската постапка прворангиран бил токму кинески „Хуавеј“. Државата, која има 35% од акциите во Телеком, преку своите претставници во бордот, го отворила прашањето за можниот влез на „Хуавеј“ во идната 5Г-мрежа.