Русија започна да испраќа гас во Бугарија, Грција и Северна Македонија преку новиот гасовод „Турски тек“, објави Булгартрансгаз, наведувајќи дека ова е начин за намалување на снабдувањето преку Украина.
Русија го гради Турски тек и работи на двојно зголемување на капацитетот на гасоводот „Северен поток“, со кој преку Балтичкото Море испраќа гас до Германија, како дел од плановите за заобиколување на Украина кон европскиот пазар.
Испораките на руски гас не само за нас, туку и за Грција и Северна Македонија одат преку нова влезна точка (на нашата граница со Турција).
изјави директорот на Булгартрансгаз, Владимир Малинов, за бугарското национално радио БНР.
Рускиот „Гаспром“ започна да испраќа околу 3 милијарди кубни метри гас до Бугарија преку Турски тек, заменувајќи ја поранешната рута преку Украина и Романија. Минатата година „Гаспром“ испорача околу 3 милијарди кубни метри гас за Грција и околу 500.000 милиони гас во Северна Македонија.
Русија го гради Турскиот тек со два цевководи, секој со капацитет од 15,75 милијарди кубни метри гас годишно. Првиот цевковод е наменет за Турција, а вториот ќе оди понатаму, од Бугарија до Србија и Унгарија.
Бугарија се надева дека ќе може да започне со испорака на гас за Србија до мај и планира да ја изгради целата делница до крајот на годинава.