Северна Кореја прв пат пријави „сомнителен случај“ на ковид-19 од почетокот на пандемијата.
Државната новинска агенција КЦНА објави дека едно лице кое пред три години пребегнало во Јужна Кореја, минатата недела нелегално се вратило во земјата со симптоми на коронавирусот.
Пациентот се смета дека влегол во земјата преку градот Кеасонг, а откако добил лекарски преглед ставен е во карантин, како и сите негови контакти.
Агенцијата јави дека лидерот на Северна Кореја Ким Јонг Ун свикал итен состанок и наредил мерки за изолација на регионите околу Кеасонг. Тој прогласи вонредна состојба во една „релевантна област“, објави КЦНА.
Од таму додаваат дека ќе биде спроведена истрага за нелегалното влегување во земјата и ќе се бараат најстроги казни.
Северна Кореја досега тврдеше дека нема ниту еден заболен од ковид-19.