Според црногорското МНР, прелиминарните податоци покажуваат дека нападите се состојат од комбинација на неколку различни методи на кибернапади, а оти ова се најсофистицираните напади што досега се случиле во земјата
Кибернападот на серверите се случи три дена по изгласувањето недоверба на владата на Дритан Абазовиќ
Серверите на црногорската влада се цел на кибернапад, соопшти денеска Министерството за јавна администрација на Црна Гора, од каде што додаат дека ова се најсофистицираните напади што досега се случиле во земјата.
Според црногорското МНР, прелиминарните податоци покажуваат дека нападите се состојат од комбинација на неколку различни методи на кибернапади.
„Засега е потврдено дека раното откривање на нападот овозможило клучните системи да останат заштитени, но се утврдува степенот на штетата, по што ќе бидат дадени попрецизни информации“,
се вели во соопштението.
Се наведува дека порталот www.gov.me бил привремено затворен, односно изолиран, со цел посоодветна одбрана од кибернапади врз инфраструктурата на Владата.
Во утринските часови биле известени вработените во владината администрација што поскоро да ги исклучат сите компјутери од мрежата за да се заштитат податоците поради киберактивности на кои е изложена владината инфраструктура.
Директорот на Дирекцијата за јавна администрација, Душан Половиќ, изјави станува збор за напад со откуп, чија цел е шифрирање на податоците со цел да се добијат финансиски придобивки за напаѓачите.
Кибернападот на серверите на владата се случи три дена по соборувањето на владата на Дритан Абазовиќ во Парламентот на Црна Гора, кој сега функционира како привремен или технички, до изборот на нова Влада.