Невакцинираните и оние што не прележале, задолжително ќе бидат тестирани при влезот во земјата
Актуелните правила и предуслови за патување во Грција, остануваат непроменети и исто како и во изминатите шест месеци, за влез во земјата потребен е документ за ковид-статусот и пополнет PLF-формулар. Овие услови важат и за државјаните на Северна Македонија.
Ова е содржано во новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на ковид-19“, која стапи во сила утрово и важи до следниот петок 3 декември 2021 година во шест часот наутро.
Документот за ковид-19, односно сертификат за вакцинација или потврда за прележана болест или негативен ПЦР/рапид-тест, заедно со пополнет PLF-формулар и понатаму се неопходни за патување во Грција, а невакцинираните и оние кои не прележале, задолжително ќе бидат тестирани при влезот во земјата.
Паралелно, речиси истите документи, освен PLF-формуларот, задолжителни се и за влез во затворените објекти во Грција, со исклучок на супермаркетите, продавниците за храна, бензинските пумпи и аптеките со оглед на тоа дека мерките во земјата, освен за грчките граѓани, важат и за туристите.
Нема промени ни во однос на граничните премини, како и досега, за влез од Северна Македонија, отворени се сите и работат 24 часа.
Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF-формуларот.
Тестирањата, за вакцинираните и за оние кои прележале Ковид-19 се по случаен избор, а за оние кои патуваат со негативен тест, тестирањето е задолжително.
Задолжителното тестирање не важи за патниците кои имаат валиден сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од втората доза или потврда за прележана болест во изминатите шест месеци.
Оние кои прележале ковид-19 во изминатите шест месеци може да достават потврда за прележана болест по лабораториско тестирање со ПЦР или антигенски (брз) тест, а сертификатот се издава 30 дена по првиот позитивен резултат и неговата важност е до 180 дена подоцна.
Европскиот дигитален ковид-сертификат е четвртата алтернативна можност за влез во Грција.
Конкретните обврски за патување важат за лица со наполнети 12 години.
Во случај на позитивен резултат, предвиден е десетдневен карантин во соодветен простор укажан од надлежните органи, а доколку се работи за лица кои 14 дена претходно ја завршиле вакцинацијата, тогаш задолжителната изолација е седум дена.
На последниот ден од карантинот, оние кои биле позитивни, без разлика дали се вакцинирани или не, потребно е да направат ПЦР-тест.
Лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи, односно блиските контакти на оние кои се позитивни на Ковид-19, имаат можност да се вратат во нивната земја истиот или следниот ден, под услов да добијат два негативни резултати од два теста (ПЦР или рапид) направени во рок од 24 часа и за време на патувањето да носат N95 маска.
Во случај лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи да останат во земјата, а не се вакцинирани или немаат прележано Ковид-19 во изминатите шест месеци, тогаш треба да бидат во 14-дневна изолација по последниот контакт со позитивното лице, без да се тестираат или седум дена карантин и на седмиот ден да направат ПЦР-тест.
Доколку блиските контакти се вакцинирани или прележале ковид-19 во последните шест месеци, тогаш не е потребен карантин, но задолжително се тестираат со ПЦР-тест при влезот во земјата.
За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 и 5 000 евра.