Фондот е дел од договорот со Министерството за правда на САД
„Боинг“ основа фонд од 500 милиони долари за да ги обесштети семејствата на 346-те загинати патници во несреќите на „боинг 737 макс“, пренесува „Гласот на Америка“.
Фондот е дел од договорот со Министерството за правда на САД. Во јануари „Боинг“ се обврза да им исплати отштета на семејствата на загинатите во несреќите на „Лјаон ер“ во 2018 и „Етиопијан ерлајнс“ во 2019 година.
Секое семејство ќе добие околу 1,45 милион американски долари и парите ќе ги добие веднаш штом ќе бидат завршени потребните административни постапки, соопштија од компанијата „Боинг“.
Фондот е само дел од договорот од 2,5 милијарди долари што „Боинг“ го склучи со Министерството за правда, бидејќи американското обвинителство ја обвини компанијата за издавање лажни сертификати за безбедност на авионите.
Договорот му овозможи на „Боинг“ да избегне судска постапка, но не и граѓански парници.
Иако е постигнат договор со повеќето роднини на жртви од „Лајон ер“, сепак постојат голем број отворени прашања во случајот со семејствата на загинатите од „Етиопијан ерлајнс“.
Секретаријатот за правосудство претходно објави дека вработените во „Боинг“ криеле информации од надлежната Управа за авијација (ФАА) за дефектите на моторот на авионите „737 макс“.
Од „Боинг“ тврдат дека сториле сè што можат за да се подобри безбедноста на авионите.
Авионите „боинг 737 мaкс“ беа приземјени 20 месеци по две несреќи. Тие се повторно во функција откако ФАА нареди ажурирање на софтверот и промени во обуката на персоналот.
„Боинг“ минатиот месец плати казна од 17 милиони долари откако инсталираше софтвер кој претходно не беше одобрен од ФАА.