Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива поднеле барање за гласање доверба за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Причина за тоа се бегството и појавувањето на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Челниците на Коалицијата, Зијадин Села и Африм Гаши, исто така, најавија дека ќе го поддржат и предлогот за интерпелација на Владата и за создавање ново парламентарно мнозинство.
„Два дена се прави театар. Исчезна Мијалков, па се појави и кажа дека имал температура. Една ноќ претходно цело семејство, синовите, не знаат каде е татко им, а најскандалозно е дека Сашо Мијалков доби домашен притвор. Тоа е доказ за договор меѓу Мијалков и Заев. Тоа е доказ дека сите актери кои правеа сценарија за 27 април сега се заедно со Владата“,
смета Села.
Гаши побара земјите членки на ЕУ да донесат тим судии и обвинители кои повторно ќе ги отворат сите монтирани процеси од осамостојувањето досега, за, како што истакна, сите корумпирани политичари да одговараат, зашто само така ќе има правна држава. Според коалицијата, нашите судии и обвинители не можат да одговорат на задачата бидејќи се приспособуваат на партиите што се на власт.