Ќе победиме од Липково сè до селата во Битола, порача лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, вечерва од Куманово на настан со неговиот коалициски партнер од Алтернатива, Африм Гаши.
Села рече дека нудат богата политичка платформа, правда, економски развој, добро образование и ставање крај на девијантни феномени, затворање на казина.
„Мислам дека ова општество има потреба да има вистински политики, а не политики кои ги поттикнуваат младите на девијантни однесувања. Нема да грешат ако нè гласаат“,
порача лидерот на Алијанса за Албанците.
Гаши, кој е носител во Изборната единица 2 каде спаѓа кумановскиот регион, пред кумановци рече дека кај Албанците е дојдено е време за промена, бидејќи стагнираат во економскиот развој, образованието, здравството.
„Не можеме да ги направиме овие промени ако нема промена на политичките елити. 18 години ние стоиме во место, во една тешка агонија и мислиме дека дојдено е време за промена и кај Албанците. Мислиме дека тоа ќе биде здраво не само за нас Албанците, туку и за сите граѓани во државата“,
рече Гаши.
Тој информираше дека предвидени се проекти од повеќе области кои важат за сите граѓани, рамноправен развој во сите средини, водоснабдување, канализации, патишта, целокупна инфраструктура која е неопходна за секојдневното функционирање.