Средбите досега биле неформални. Од Коалицијата велат дека ќе ги искористат сите демократски, политички средства, за да оневозможат формирање на влада без премиер-Албанец, а со ДУИ на власт.
Заврши времето кога Албанците се туркаа за влез во влада. ДУИ има предност да го исцрпи правото за преговарање, оти освои најмногу пратеници во албанскиот блок, велат од Коалицијата на Алијансата за Албанците на Зијадин Села и Алтернатива на Африм Гаши. Оттаму тврдат дека не преговарале со СДСМ, туку сите средби досега биле неформални и пријателски.
„Иако ние сме легитимни победници на изборите во албанскиот политички кампус, нема да влеземе во преговори сè додека ДУИ не го исполни предизборното ветување за премиер да биде Насер Зибери. Кога ќе се констатира дека ДУИ не може да го испорача премиерот-Албанец, во тој момент, доколку би имало покана кон нас, ние ќе учествуваме на тие преговори… Нашата црвена линија се предизборните ветувања кон нашите гласачи, а тоа е нашата политичка платформа за подобар живот на Албанците. Тоа ќе биде нашата линија, во никој случај одредена позиција, за одредени личности“,
рече на денешната прес-конференција, Скендер Реџепи од Коалицијата на Алијанса за Албанците и на Алтернатива.
Доколку помине предлогот на ДУИ Насер Зибери да биде премиер, тогаш, тие со 12-те пратеници ќе гласаат за него.
„Но, ако ДУИ не успее да го реализира ова предизборно ветување, таа партија нема право да биде дел од идната влада и нејзиното место е во опозиција. Ние ќе ги искористиме сите демократски, политички средства за да оневозможиме формирање на влада без премиер-Албанец, а со ДУИ на власт “,
вели Реџепи.
Од Коалицијата на Села и Гаши велат дека не ја одбиле поканата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за заедничка средба на албанските партии, туку барале наместо вчера, да се одложи за наредната недела.
Инаку, по вчерашната средба на Зоран Заев и Али Ахмети, СДСМ и ДУИ во заедничко соопштение кажаа дека се постигнати основи за напредок кој води до коалиционен договор. Но, нема детали дали и на каков начин е надминато барањето на ДУИ за премиер-Албанец. Заев пак, вчера по добивање на мандатот изјави дека се подготвува да биде премиер 4 години.
Разговорите меѓу СДСМ и ДУИ ќе продолжат во текот на викендот на ниво на генерални секретари.
