Сексуалните работници оваа недела се враќаат на работа откако значително опадна бројот на заразени со ковид во Холандија, објави министерот за здравство Хуго де Јонг.
Проституцијата во Холандија е легална, но беше забранета од средината на декември, кога властите воведоа ограничувања за борба против пандемијата на коронавирусот.
Сексуалните работници во Амстердам протестираа пред два месеца, обвинувајќи ја власта дека ги дискриминира затоа што во март дозволи отворање на други услужни дејности, каде што исто така се остваруваат контакти со клиенти, како што се фризерниците и салоните за масажа.
За време на затворањето и рестрикциите, владата им понуди ограничена финансиска помош на сексуалните работници кои имаат важечки договор за работа и можат да докажат дека изгубиле најмалку 20 проценти од своите приходи поради пандемијата.
Де Јонг рече дека стапката на вакцинација што е сега постигната овозможува владата да продолжи да ги олеснува мерките.
Тој најави дека в среда ќе бидат отворени и зоолошките градини, фитнес-центрите и базените, бидејќи вакцинацијата на населението го намали притисокот врз болниците.
Од почетокот на пандемијата, потврдено е дека 1,6 милион луѓе се заразени во земјата со 17 милиони жители, а повеќе од 20 000 починаа.