Во однос на јазикот, шефот на дипломатијата порача дека нашата унилатерална изјава не е историски текст во кој хронолошки се опишуваат сите аспекти од развојот на јазикот, но дека во неа се вметнати најважните елементи од Уставот, минатогодишната резолуција изгласана во парламентот и заклучоците на Собранието од минатата недела
Ние имаме долгогодишни односи, меѓутоа сè уште не знам македонски. Ако ги зајакнеме и интензивираме односите можеби и ќе научам македонски, рече португалскиот министер за надворешни работи, Гомес Кравињо заблагодарувајќи им се на преведувачките на денешната заедничка прес-конференција во Скопје со шефот на нашата дипломатија, Бујар Османи.
„Сега во ЕУ ќе имате можност да го слушнете и јазикот“,
му реплицираше Османи.
Во однос на јазикот, шефот на дипломатијата одговараше и на новинарски прашања за унилатералната изјава што Северна Македонија ја достави до ЕУ на првата меѓувладина конференција на 19 јули, за што рече дека таквата изјава е дел од францускиот предлог, а претходно била предвидена и со португалскиот и со германскиот. Тој потсети дека бугарската страна своја изјава за македонскиот јазик има испратено уште пред пет години до Обединетите нации по потпишувањето на Преспанскиот договор.
„Унилатерална нота за јазикот Република Бугарија има испратено уште во 2018 година, веднаш по потпишување на Преспанскиот договор штом се запиша во картата на ОН македонски јазик согласно преспанскиот договор, Бугарија испрати унилатерална нота со иста содржина. За жал, тогаш не беше претставена на јавноста, и јавноста не знае дека тоа веќе се случило уште пред пет години за сите држави членки на ОН. Сега се прави и до ЕУ, нота која веќе е испратена во ОН во 2018 која нема никакво правно значење бидејќи Бугарија гласаше за преговарачка рамка во која македонски јазик е чист. Нашата унилатерална позиција е дел од тој француски предлог, претходно и португалски и германски, за да се претстави нашата позиција по однос на јазикот“,
рече Османи.
Според министерот, нашата изјава е во согласност со Уставот, како и со резолуцијата и заклучоците од Собранието.
„Ако имате предвид дека во тие предлози од германскиот требаше да има само две реченици дека е официјален јазик на Северна Македонија кодифициран 1945 година, ние успеавме да имаме опис кој е согласно нашиот Устав, резолуцијата на Собранието од 2021 година и заклучоците на Собранието од минатата недела. Притоа, тоа не е историски текст во кој хронолошки се опишуваат сите аспекти од развојот на јазикот, но најважните елементи од Уставот, резолуцијата и заклучоците се вметнати во однос на тој текст“,
појасни Османи.
Министерот ги спомена и коментарите дека изјавата не била лекторирана и нагласи дека и Северна Македонија и Бугарија до Брисел изјавите ги доставиле на англиски јазик, додека тоа што беше објавено е само превод на македонски.
На прес-конференцијата во врска со посетата на Кравињо, Османи рече дека е задоволство што имаме втора посета на португалски министер по минатогодишната на неговиот претходник Аугусто Сантош Силва. Кравињо, нагласи министерот, е и првиот шеф на дипломатија што доаѓа во Скопје по почетокот на преговорите од 19 јули.
„Разговаравме за сите аспекти од почетокот на преговорите и за можноста за поддршка и учење од португалското искуство за тој процес, но и искористување на знаењето на Португалската Република за побрзо надминување на сите фази на преговарачкиот процес“,
рече Османи.
Во однос на билатералните односи, тој рече дека е задоволен од високиот политички дијалог што го имаме со Португалија последните две години.
„Оваа интензивна политичка комуникација треба да се преведе и во конкретна соработка во билатералните односи. За жал, сè уште немаме потпишано билатерални договори помеѓу нашите две држави, веројатно тоа е и една од причините зошто трговската размена е под очекувањата и под одличните политички односи што ги имаме. Меѓутоа, се договоривме во текот на наредниот период да ја врамиме и соработката во делот на економијата, заштитата на инвестициите, културната, образовната, научната соработка, да ја интензивираме парламентарната соработка“,
рече Османи.
Тој додаде дека во однос на мултилатералните организации веќе имаме добра традиција на поддршка и двете земји ќе почнат да се поддржуваат.
Кравињо, пак, од португалска страна истакна дека неговата земја е подготвена да ја даде политичката, техничката и секоја друга поддршка потребна во преговорите со ЕУ, а во однос на билатералните односи се согласи дека на политичко ниво тие се одлични, но оти тоа не е случај и во областа на економијата, образованието…
„Во овој момент сметам дека треба да разговараме и да се сконцентрираме на јакнење на билатералните односи кои во политичка смисла се одлични, но не се на исто ниво развиени контактите меѓу граѓаните, економската соработка ниту нашата соработка во областа на образованието и одбраната. Во следните месеци ќе се сконцентрираме на јакнење на билатералните односи“,
рече португалскиот министер.