На заедничка прес-конференцијата со Османи во Скопје, португалскиот министер истакна дека неговата земја ќе ја даде потребната политичка, техничка и друга поддршка во текот на преговарачкиот процес бидејќи, како што рече, пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ е значајно не само за земјава и регионот туку и за самата Унија
Португалскиот министер за надворешни работи, Гомес Кравињо, не очекува во преговорите на Северна Македонија со ЕУ повторно да се покрене билатералното прашање со Бугарија.
На прес-конференција во Скопје со неговиот колега Бујар Османи, тој рече верува оти партнерите од ЕУ ќе го исполнат дадениот збор и потпишаниот документ.
„Мислам дека е од суштинско значење во меѓународните односи и политика да веруваме на дадениот збор, на ставениот потпис, на преземената обврска. Билатералното прашање за кое интензивно разговараат Северна Македонија и Бугарија е заокружено, има заклучок и заокружувањето на тоа прашање беше одбележано со меѓувладина конференција на 19 јули. Не очекувам ова прашање повторно да се покрене, не гледам причина зошто би се покренало повторно истото прашање. Верувам кога нашите партнери ќе дадат збор, ќе потпишат документи, дека ќе го исполнат. Така функционираме внатре во ЕУ затоа што интензивно соработуваме меѓусебно и со земјите-кандидати за најразлични прашања, ако почнат блокади без оглед на тоа што е договорено ќе се парализира целото функционирање“,
рече Кравињо одговарајќи на новинарското прашање дали Португалија ќе застане на македонска страна ако Бугарија понатаму ја блокира земјава.
Со оглед дека и за време на португалското претседателство со ЕУ имаше предлог за надминување на спорот со Софија, кој во Скопје беше оценет како многу добар, на прашање во што е подобар францускиот предлог, Кравињо рече дека во политиката целта не е да се постигне сè, туку она што е возможно.
„Вложивме многу напори да составиме предлог, сакавме да биде прифатен. Што го прави францускиот предлог подобар? Во политиката целта не е да се постигне се, туку она што е возможно. Значи да погледнете над хоризонтот, а не да се сконцентрирате само на моменталните случувања. Затоа оддавам признание на македонското раководство за надминување на тешкотиите и што го помести процесот напред. Направен е многу важен чекор напред“,
рече шефот на португалската дипломатија.
Тој истакна дека постигнатиот договор овозможува почнување на процесот на скрининг кој, потенцираше, е интензивен и има две фази.
„Првиот е објаснувачки скрининг – Европската комисија ги објаснува различните аспекти на законодавството, потоа следува билатералниот скрининг кога се утврдуваат јазовите во законодавната рамка на Северна Македонија. Значи почнува овој скрининг процес, потоа ќе се одржи втората меѓувладина конференција веднаш штом ќе заврши скринингот и ќе се заокружат уставните измени. Сите земји имаат тешки моменти во текот на преговорите, меѓутоа и во случајот на Северна Македонија не гледам дека ќе има билатерални блокади“,
додаде министерот за надворешни работи на Португалија.
На прес-конференцијата со Османи тој истакна дека Португалија ќе ја даде потребната политичка, техничка и друга поддршка во текот на преговарачкиот процес бидејќи, како што рече, пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ е значајно не само за земјава и регионот туку и за самата Унија.
Можеме да го понудиме нашето искуство, рече Кравињо, но и нагласи дека двете земји во наредните месеци ќе се сконцентрираат на билатералните односи, кои се одлични во политиката, но не и во другите сфери.
„Во овој момент сметам дека треба да разговараме и да се сконцентрираме на јакнење на билатералните односи кои во политичка смисла се одлични, но не се на исто ниво развиени контактите меѓу граѓаните, економската соработка ниту нашата соработка во областа на образованието и одбраната. Во следните месеци ќе се сконцентрираме на јакнење на билатералните односи“,
рече португалскиот министер.
Исто така, како важно тој го истакна и претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година потенцирајќи дека тоа е голема задача со оглед оваа организација има важна улога за безбедноста во Европа.
„Во оваа земја сме виделе примери на надминување проблеми при стекнувањето на независност, и потоа нејзината трансформација во мултиетничко општество за пример. Ова ќе ви биде од корист во текот на вашето претседавање со ОБСЕ. Тука сме да ви помогнеме и во однос на претседавањето. Тука сме заедно, имаме слични ставови во однос на руската агресија врз Украина и сите предизвици кои произлегуваат од тоа“,
рече Кравињо.