„Работиме за да се осигуриме дека нема да дојде до ескалација, провокации, дека нема да има дејствија што на кој било начин би можеле да нè оддалечат од постигнување на овој договор или, пак, од друга страна, да предизвикаат ескалација на конфликтот на други места и од поголем интензитет“, рече шефот на американскиот Стејт департмент по средбата со израелскиот претседател Исак Херцог
Сега е веројатно најдобрата, можеби и последната можност да се дојде до прекин на огнот и договор за ослободување на заложниците во Газа, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен по неговото пристигнување во Тел Авив, Израел, јавуваат светските медиуми.
Блинкен, како што пренесува Би-би-си, изјавата ја даде за време на средбата со израелскиот претседател Исак Херцог, утрово по локално, откако САД претходно изразија оптимизам за можен прекин на борбите во Газа, по минатонеделните преговори што се одржаа во главниот град на Катар, Доха.
Сепак, пораките што доаѓаат од Хамас се дека сугестиите за напредок во преговорите се илузија бидејќи останува отворено прашање дали израелските трупи целосно ќе се повлечат од Газа, на што инсистира палестинската екстремистичка група.
Според пишувањата на медиумите, се очекува американскиот државен секретар да изврши притисок врз израелскиот премиер Бенјхамин Нетанјаку, со кого е предвидено да се сретне подоцна во текот на денешниот ден.
„Работиме за да се осигураме дека нема да дојде до ескалација, провокации, дека нема да има дејствија што на кој било начин би можеле да не оддалечат од постигнување на овој договор или, пак, од друга страна, да предизвикаат ескалација на конфликтот на други места и од поголем интензитет“,
изјави Блинкен.
Ова е деветта посета на американскиот државен секретар на Блискиот Исток од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври минатата година.
„Ова е моја деветта посета од 7 октомври на Израел, на Блискиот Исток, и ова е одлучувачки момент, веројатно најдобрата, можеби и последната можност да ги вратиме заложниците дома, да постигнеме прекин на огнот и да ги доведеме сите на подобар пат кој води кон траен мир и стабилност“,
шефот на американскиот Стејт департмент.
Израелскиот претседател Исак Херцог кој, како што наведува „Гардијан“, има главно церемонијална улога во контекст на надлежностите, изјави дека Израелците сакаат да видат што е можно поскоро враќање на заложниците што Хамас сè уште ги држи во Газа уште од почетокот на војната.
„Нема поголема хуманитарна цел од враќањето на заложниците“,
рече Херцог на средбата со Блинкен.
Инаку, за време на најновата рунда преговори за прекин на огнот во Појасот Газа, САД минатата недела во Доха на маса ставија предлог, кој треба да ги премости разликите меѓу Израел и Хамас што двете страни ги имаат околу точките во нацрт-договорот, што Соединетите Држави веќе го претставија и кој е основата околу која се водат разговорите.
САД, според Би-би-си, се надеваат дека ќе можат да издејствуваат договорот да биде постигнат уште во текот на оваа недела, кога се очекува да продолжат преговорите меѓу завојуваните страни, посредувани од САД, Катар и Египет.
Сепак, американскиот оптимизам не го делат ниту израелското раководство ниту Хамас, кои меѓусебно се обвинуваат за тврдоглав цинизам и блокирање на договорот.
Од Хамас вчера го обвинија израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека става пречки на патот за постигнување договор поставувајќи нови услови и барања со цел да ја продолжи војната.
Нетанјаху, пак, исто така вчера, на состанок на владата, изјави дека се водат сложени преговори за да се обезбеди враќање на заложниците, но оти треба да се почитуваат некои принципи за безбедноста на Израел.
„Има работи за кои можеме да бидеме флексибилни, а има работи за кои не можеме да бидеме флексибилни, и инсистираме на нив. Многу добро знаеме како да направиме разлика помеѓу нив“,
изјави израелскиот премиер.
Тој, исто така, го обвини Хамас за „тврдоглавост“ во преговорите и повика на понатамошен притисок врз милитантната група.
Во петокот американскиот претседател Џо Бајден изјави дека се блиску до постигнување договор за прекин на огнот во Газа, како никогаш претходно, но оти разговорите продолжуваат понатаму.
Од друга страна, висок функционер на Хамас, во саботата за Би-би-си изјави дека се разочарани од она што го добиле како информација од посредниците и дека нема напредок во преговорите.
За потсетување, планот што го претстави Бајден за прекин на огнот во мај предвидуваше три фаза во неговата имплементација.
- Првата фаза би вклучувала целосен прекин на огнот во траење од шест недели, повлекување на израелските сили од сите населени области во Газа и размена на некои од заложниците – вклучувајќи жени, постари и болни или ранети во замена за палестински затвореници што ги држи Израел.
- Втората фаза предвидува ослободување на сите други живи заложници и „траен крај на непријателствата“.
- Третата фаза опфаќа почеток на голем план за реконструкција на Газа и враќање на останките на мртвите заложници.
За потсетување, војната меѓу Израел и Хамас почна на 7 октомври лани, кога припадници на палестинската милитантна група извршија напад на југот на Израел убивајќи околу 1 200 луѓе, а околу 250 беа земени како заложници.
Според здравствени власти во Газа, кои се под контрола на Хамас во израелската воена кампања во Појасот досега се убиени повеќе од 40 000 Палестинци, главно цивили, додека од друга страна Израел тврди дека неговата војска успеала да елиминира 17 000 борци на Хамас.
Инаку, новата рунда преговори за прекин на огнот во Газа се одвива во услови на загриженост од нова ескалација на тензиите во регионот, откако Иран се закани со одмазднички напад врз Израел по убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, на 31 јули во Техеран.