Пораките упатени од пратеничката Дафина Стојаноска при денешното гостување на ТВ Алфа сугерираат дека нејзината матична партија нема намера да учествува во консултациите за францускиот предлог и дека партијата нема да даде поддршка за „вака подготвен предлог“
Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, го навести ставот на нејзината партија во однос на денешниот предлог на францускиот претседател Емануел Макрон за отстранување на бугарската блокада за старт на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. При гостувањето во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа ТВ, таа изрази скепска и за содржината на предлогот, која засега не е јавно позната, но и за одржувањето на широките консултации кои ги најави премиерот Димитар Ковачевски, пред да се донесе одлука.

„Многу погрешно избран збор е консултации кога овој од друга страна ви вели дека ќе го прифатат предлогот. Апсолутно не можеме да зборуваме за консултации. Ковачевски ја доведе состојбата, заедно со Бујар Османи, до свршен чин. Но, ВМРО-ДПМНЕ никогаш не потклекнува на вакви малверзации така што од ВМРО-ДПМНЕ сигурно нема да добијат поддршка за вака подготвен предлог за којшто ниту сме биле информирани, ниту консултирани, ниту побарано наше мислење… Не знам како сега не им е срам, сега да се обратат за консултација? За каква консултација? За документ кој е веќе ставен и чека само потпис?
– Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде против предлогот?
ВМРО-ДПМНЕ постојано кажува дека е против ваквиот начин на преговарање. Овој начин на преговарање не доведе до тука. За сето ова ВМРО-ДПМНЕ предупредува цели еве петта година ќе се направи до 1 август. Секогаш велевме не брзајте“,
изјави Стојаноска.
Официјалниот став на ВМРО-ДПМНЕ за францускиот предлог но и понудата за консултации од власта, пред да се донесе одлука, ќе биде познат за околу еден час. Во 21 часот е закажана прес-конференција на претседателот на партијата, Христијан Мицкоски. Во моментов, заседава Извршниот комитет на партијата.
Претходно во денот, францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека по спроведените консултации со Софија и Скопје „уверен сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на сензибилитетот на секој. Во интерес на Бугарија и на Северна Македонија, прифатлив за сите“.
Макрон дополни и дека предлогот бил прифатен во Бугарија, додека во Северна Македонија дополнително ќе се разгледува.
Набрзо потоа од Владата соопштија дека француското претседателство, преку Министерството за надворешни работи, пратило предлог со идеи.
„Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата. Како што ветивме, одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно стратегиските интереси на земјата и на сите нејзини граѓани“,
се вели во соопштението.