Руската армија истрела над 660 ракети и дронови ширум Украина, а според првичните информации евидентирани се штети на пристаништето во Одеса, како и цивилни жртви при украински возвратен удар во рускиот регион Белгород
Бројот на жртви од најновиот бран масовни воздушни напади што руските сили ги извршија ширум Украина во текот на изминатата ноќ се искачи на седум, додека десетици граѓани се пријавени како повредени. Украинските власти информираат дека руската армија ја нападнала земјата со повеќе од 660 ракети и беспилотни летала, од кои најголемиот дел биле насочени кон градот Днепропетровск.
Една од руските ракети директно погодила станбена зграда во Днепропетровск, предизвикувајќи уривање на голем дел од објектот. Началникот на регионалната воена администрација, Олександр Гања, преку платформата Телеграм информираше дека од под урнатините биле извлечени четири безживотни тела. Попладнево руските сили извршиле нов напад врз истата локација, токму во моментите кога спасувачките екипи трагале по преживеани под урнатините, а во овој втор, последователен удар, загинало уште едно лице, а седуммина биле ранети.
Паралелно со нападите во Днепропетровск, руски беспилотни летала го таргетирале и јужниот регион Одеса. Началникот на тамошната воена администрација, Олег Кипер, соопшти дека во текот на ноќта се повредени две лица. Нападите предизвикале значителна материјална штета на станбени објекти, автомобили, како и на критичната пристанишна инфраструктура.
