Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ го обвини лидерот на опозицијата дека се повлекол од заканите за напуштање на Собранието и дека ја води партијата кон распад, служејќи им на туѓи политички агенди и на старата матрица на криминал
Пратеникот од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска на прес-конференција во партиското седиште упати остри критики кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека дејствува исклучиво под диктат на поранешниот партиски лидер Зоран Заев.

Според Петрушевски, наместо да се грижи за државните интереси и за европската иднина, актуелното раководство на опозицијата континуирано го блокира напредокот на Македонија.
„Но, има еден јасен факт, а тоа е дека Филипче и СДС никако да се придвижат во насока да направат нешто добро за Македонија. Во нивниот речник нема ништо добро за Македонија. Се противат на сѐ што е напредно, реформско“,
рече Петрушевски.
Петрушевски истакна дека лидерот на СДСМ веќе ретерира од претходните радикални ставови, особено од заканите изнесени од нивниот пратеник Митко Трајчулески, кој претходно најави дека опозицијата ќе го напушти Собранието доколку се изгласа укинувањето на Пржинската влада. Ваквото повлекување од заканите, според Петрушевски, е единствената позитивна работа бидејќи покажува дека СДСМ се враќа на изворната идеја за укинување на концептот на техничка влада.
Сепак, Петрушевски тврди дека опозициската партија не покажува никаква намера да направи нешто добро за државата, спротивставувајќи се на сите реформски процеси и го обвини Филипче дека служејќи му на Заев, всушност застанува во одбрана на корупцијата, криминалот и националните предавства.
„Филипче треба да се освести и да разбере дека служејќи му на Заев тој ја блокира Македонија. И наместо нова енергија и визија во СДС, јавноста гледа како Филипче со неколкумина ликови ја продолжува истата онаа стара матрица на уназадување. Не може човек како Филипче, кој ја води СДС кон распад, да се грижи за европски пат на Македонија“,
заклучи тој.
