Националниот совет за безбедност денеска ќе одржи седница на која се очекува да расправа и да донесе одлука за продолжување на вонредната состојба во земјата за справување со пандемијата од ковид-19 за уште 30 дена.
Вонредна состојба, првпат од независноста, беше прогласена на 18 март, како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот.
Владата пред два дена побара од претседателот Пендаровски да достави предлог за продолжување на вонредната состојба, заедно со извештајот за досега преземените активности од државните институции, со кој се аргументира дека за успешно справување со коронавирусот во државата е потребна вонредна состојба.
Претседателот Пендаровски, пак, најави дека шансите се извесни и големи да се прогласат нови 30 дена вонредна состојба бидејќи, како што рече, внатрешните состојби не ескалираат, но не се значително редуцирани и сè уште е неопходен ваков тип ангажман од сите надлежни институции и ваков тип состојба.
На денешната седница, како што соопшти кабинетот на шефот на државата, покрај постојаните членови на Советот, на покана на претседателот Пендаровски ќе присуствуваат и вицепремиерот задолжен за европски прашања и национален координатор за странска помош Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче.
Во земјава досега има вкупно 974 дијагностицирани пациенти со ковид-19 откако вчера беа регистрирани 66 нови случаи. Излечени се 98, а почнаа 45 лица.
Првиот случај на заразен со коронавирус во нашата земја беше регистриран на 26 февруари годинава, а полициски час, првпат на целата територија на државата, беше воведен на 22 март.