Право на глас има секое лице што е запишано во изводот од Избирачкиот список и поседува важечка лична карта или пасош, односно лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од 24 јули 2023 до 24 април 2024 година. Освен важечка лична карта или пасош за гласање не се прифаќаат документи како возачка дозвола, здравствена книшка, ученичка и студентска легитимација и друго
Гласачкото место се затвора во 19 часот, а на лицата што се затекнале во објектот ќе им се овозможи да гласаат. ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ќе ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите

Од 7 часот утрово, на 3 480 избирачки места во земјава се гласа на седмите претседателски избори. На овие избори можат да гласаат 1 814 317 граѓани кои се запишани во избирачкиот список.
Гласачките места ќе бидат отворени од седум до 19 часот, а по затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.
Право на глас има секое лице кое е запишано во изводот од избирачкиот список и поседува важечка лична карта или пасош, односно лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од 24 јули 2023 до 24 април 2024 година. Освен важечка лична карта или пасош за гласање не се прифаќаат документи како возачка дозвола, здравствена книшка, ученичка и студентска легитимација и друго.
На секој граѓанин, по доаѓањето на избирачкото место, му се проверуваат документите за лична идентификација, и тој се потпишува во изводот од Избирачкиот список. Потоа член на избирачкиот одбор му издава гласачко ливче на кое на предната страна мора да му стави печат.
Според упатствата на Државната изборна комисија (ДИК), при утврдување на личниот идентитет, гласачот е должен пред избирачкиот одбор да се претстави на начин на кој е претставен на фотографијата на документот за лична идентификација. Претставниците на подносителите на листите и акредитираните набљудувачи можат од непосредна близина да го следат утврдувањето на идентитетот на избирачот.
Доколку се утврди дека избирачот го нема во изводите од Избирачкиот список, членовите на избирачкиот одбор се должни да го упатат во надлежното подрачно одделение на ДИК и да ја посетат интернет-страницата https://izbirackispsiok.gov.mk/ за да се провери дали тој е запишан во избирачкиот список и доколку е во кое избирачко место може да гласа.
Ако избирачот кој се наоѓа во Избирачкиот список е неписмен или има физички недостаток тој ќе стави отпечаток од десниот показалец на местото резервирано за потпис во изводот од избирачкиот список.
Не смее да гласа избирач кој ќе одбие да се потпише во избирачкиот список
Гласањето е зад параванот за гласање, со заокружување на редниот број пред кандидатот, и тоа исклучиво со хемиско пенкало во сина боја. Доколку гласачот погреши, нема да добие друго гласачко ливче. Превитканото гласачко ливче се става во гласачка кутија. Не смее да се дозволи гласачот да го напушти гласачкото место без да го остави ливчето во кутијата.
Зад еден гласачки параван е дозволено да има еден гласач, освен во случај кога на гласачот му е потребна помош. Лицата со физички недостаток и неписмените, според Изборниот законик, имаат право со себе да повикаат лице кое ќе им помогне при гласањето.
Забрането е семејно и групно гласање и гласање во име на друг. Забрането е фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон или апарат за фотографирање.
Гласачкото место се затвора во 19 часот, а на лицата кои се затекнале во објектот ќе им се овозможи да гласаат.
Прекин на гласање може да има доколку на гласачкото место се наруши редот сè додека тој не се воспостави, во случај на временски непогоди и други вонредни околности, ако приодот до гласачкото место не го обезбедува полиција, а за тоа имало потреба, и доколку полицијата е повикана и не се одѕвала на повикот.
Доколку гласањето биде прекинато пократко од еден час тоа не продолжува по 19 часот, но ако е прекинато подолго од три часа не продолжува истиот ден.
Овластените претставници на подносителите на листите, набљудувачите и гласачите на денот на гласањето на гласачките места не смеат да користат мобилен телефон, апарат или други средства за сликање на гласачкото ливче. Избирачкиот одбор може да го отстрани од гласачкото место секое лице кое не се придружува кон оваа забрана.
На избирачкото место никој не смее да дојде вооружен, освен припадници на полицијата. Полицајците можат да влезат на гласачкото место само во случај кога се повикани од избирачкиот одбор и кога ќе забележат сериозно нарушување на редот и мирот.
Записниците и другиот изборен материјал избирачките одбори го доставуваат до Општинската изборна комисија (ОИК) во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Надлежната ОИК потоа ги сумира резултатите од гласањето, составува записници и ги предава на ДИК.
ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.
ДИК конечните резултати од изборите ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.