Водно ќе биде затворено од 18 часот навечер до 6 часот наутро и таму нема да биде дозволено движење во тој период, рече премиерот Оливер Спасовски во неговото вечерашно гостување во емисијата „Вин-Вин“ на Телма ТВ.
Оваа одлука била донесена на попладневната седница на Владата. Покрај неа, издадена е и наредба до МВР да изврши контрола на издавањето на сите вили во Сопиште и Соње за каде има сознанија дека се организираат приватни собири. Ако се открие дека се прави такво нешто, рече Спасовски, ќе има и кривични пријави за сопствениците.
Спасовски посочи и нова одлука која се донела, а се однесува на забраната за работа на автошколите и испитните центри односно во наредните 14 дена да не вршат обуки и работа со клиенти.
Премиерот соопшти за уште една наредба, а се однесува на супермаркетите и аптеките. Во нив, според она што го кажа премиерот, ќе има редарска служба која ќе дозволува влез во објектот само на ограничен број на луѓе во зависност од квадратурата на маркетот или аптеката. Исто така, внатре ќе треба да се постават и линии за да се држи оддалеченост од два метри помеѓу луѓето внатре.