Еден од последните преостанати либерални медиуми во Русија, радиото „Ехо на Москва“ е распуштено од нејзиниот одбор откако беше под притисок поради критичкото известување за руската инвазија врз Украина
Руската радиостаница „Ехо на Москва“, еден од последните преостанати либерални медиуми во Русија, беше распуштена од нејзиниот одбор откако беше под притисок поради нејзиното критичко известување за руската инвазија врз Украина, изјави денеска нејзиниот главен и одговорен уредник Алексеј Венедиктов, а пренесува Ројтерс.
„Одборот на директори на ‘Ехо на Москва’ со мнозинство гласови одлучи да ги ликвидира радиоканалот и веб-страницата“,
изјави главниот уредник на „Ехо на Москва“, Алексеј Венедиктов, на апликацијата за пораки Телеграм, а пренесува Ројтерс.
Два дена пред затворањето на радиото, неговата станица беше исклучена.
Потегот уследи откако канцеларијата на јавниот обвинител побара да се ограничи пристапот до „Ехо на Москва“ и вестите на интернет-каналот „ТВ Рејн“ поради нивното покривање на конфликтот.
Обвинителот кажа дека неговиот потег е поттикнат од „целното и систематско објавување на нивните веб-страници односно на информации кои повикуваат на екстремистички активности, насилство и намерно пласирање лажни информации за акциите на руските сили како дел од специјалната операција“ во Украина.
Руските новинари се соочуваат со сè потешко опкружување во последниве години, при што многумина од нив од властите беа означени како „странски агенти“, статус што ги изложува на јавен презир.
Притисокот се зголеми откако претседателот Владимир Путин нареди руска инвазија врз Украина минатата недела, при што повеќето мејнстрим медиуми и организации контролирани од државата тесно се држат до јазикот што го користи Кремљ за опишување на војната.