Владата на синоќешната седница, освен овие одлуки, побара да се ослободи од царина увозот на производите брашно од пченица, сончогледово масло, бел шеќер, сапуни, детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни, марамчиња, рачни крпи во ролни, маски пластични со текстилен филтер…
Владата доцна синоќа донесе Одлука за замрзнување на цените на основните продукти: леб, сол, масло за готвење, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциски средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО).
Одлуката не се однесува на оние производи за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.
Оваа одлука, како што соопшти владата, стапува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“, а е усвоена за да не се злоупотреби моментната состојба на пазарот и за да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка.
Пазарниот инспекторат е задолжен да изврши вонредна контрола на магацините и дистрибутивните центри за да ја утврди ситуацијата за можни скриени резерви на основни прехранбени производи и воедно да ја следи ситуацијата од аспект на несоодветно покачување на цените и за тоа редовно, на секои три дена, да ја информира Владата.
Забрана за извоз на пченица и брашно – контрола на извозот на масло за готвење, ориз…
На владината седница синоќа е усвоена и Информацијата со која се предлага забрана за извоз на пченица и брашно од пченица кон сите земји за неограничено време. Министерството за економија, Министерството за земјоделството и Царинската управа треба да ги преземат сите неопходни активности со цел спроведување на оваа мерка.
Царинската управа во соработка со Министерството за земјоделството треба да го следат трендот на извоз на рафинирано сончогледово масло за јадење, ориз, кондиторски и пекарски производи (тестенини, бисквити и слично). Воедно донесе препорака за мелничко-преработувачката индустрија да ја има предвид бесцаринската квота за увоз на пченица од земјите-членки на СТО во количина од 80.000 тони.
Согласно владините заклучоци, Министерството за економија, Министерството за земјоделството и Агенција за стокови резерви заедно со мелничко-преработувачката индустрија треба да ја утврдат моментната состојба со залихите на пченица и брашно.
Министерството за економија, Министерството за земјоделство и Агенцијата за стокови резерви треба да изработат листа на прехранбени производи кои би биле предмет на евентуален интервентен увоз во рок од пет дена, а Агенцијата за стокови резерви треба веднаш да достави листа на стоки кои ги има во резерва со податоци за количина.
Ослободување од царина за брашно, шеќер, сапун, медицински материјали
Министерството за економија треба веднаш да достави до Владата предлог за 100-процентно ослободување од царински давачки за производите брашно од пченица, масло сончогледово, бел шеќер, сапуни, детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни, марамчиња, рачни крпи во ролни, маски пластични со текстилен филтер, прекривки текстилни за хируршка употреба, одело хируршко од хартија, маски хартиени, одело заштитно гумено, ракавици гумени, хируршки и останати, одело хируршко текстилно, варикина и останати средства за дезинфекција, асепсол, медицински алкохол, и заштитни очила.
За заклучоците од вчерашната седница на владата детално на следниот линк.