Од ДУИ велат дека наведените причини за укинување на економските директори како поефикасно функционирање, рационализација на трошоците и дуализам во одлуките, според неа, ги погодуваат само раководителите Албанци на тие институции

Рина Ајдари, пратеничката на „Европскиот фронт“, денеска обвини дека луѓе во Министерството за здравство, по налог на министерот Арбен Таравари, вршат психолошки и институционален притисок до ниво на закани врз организациските, но и врз медицинските директори на клиниките – иако им трае мандатот, да се повлечат од функцијата.
Ајдари истакна дека „Европскиот фронт“ нема да ги поддржи измените на Законот за здравствена заштита.
„Несфатливо е зошто се постапува вака, токму во моментот кога Собранието е во процес на предлагање на измена на Законот за здравствена заштита преку која се предвидува укинување на организациските директори како посебна категорија. Зошто имаше потреба од сета ова итност да се донесе законот, иако видливо е дека овој предлог-закон содржи неаргументирано образложение, без јавна расправа со организации кои директно и индиректно се фактор во креирањето на здравствени политики како Комората на лекари и Комората на лекари Албанци во Република Северна Македонија“,
рече Ајдари.
Таа рече дека наведените причини за укинување на економските директори како поефикасно функционирање, рационализација на трошоците и дуализам во одлуките, според неа, ги погодуваат само раководителите Албанци на тие институции.
„Здравството е еден од најчувствителните сектори на општеството и секоја неанализирана, ад-хок промена остава непоправливи и долгорочни последици. Оваа власт без етнички легитимитет најде здравство со висок процент на правична етничка застапеност постигната со труд и пожртвуваност 22 години по ред“,
рече Ајдари.