Откако ќе завршат претресите, информираат од Јавното обвинителство на РСМ, предистражната постапка ќе продолжи со други дејствија за обезбедување докази
Управата за финансиска полиција денеска врши претрес на осум локации поради сомнежи поврзани со финансиското работење на прилепската болница, информираат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Оттаму велат дека Основното јавно обвинителство (ОЈО) Прилеп постапува во предистражна постапка поради сомнежи за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, поврзано со финансиското работење на прилепската болница.
„Обезбедени се наредби за претрес за осум локации, а дејствијата ги презема Управата за финансиска полиција“,
се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Откако ќе завршат претресите, информираат од ЈО, предистражната постапка ќе продолжи со други дејствија за обезбедување докази.
Инаку, минатата година новото раководството на Општата болница со проширена дејност во Прилеп изјави дека установата има наследени долгови од 193 милиони денари и блокирана сметка.
Тогаш Финансиската полиција почна да го проверува финансиското работење на болницата.