Од ИЈЗ ни изјавија дека се уште нема информации за тоа дали се работи за ваков случај. Директорот Шабан Мемети вели дека процедурата за тоа е пообемна и опфаќа и лабораториски испитувања и социолошки импликации
Нема ништо ново во врска со случајот со лицето од Кичево, кој е суспектен случај на мајмунски сипаници.
Д-р Злате Мехмедовиќ од Комисијата за заразни болести за „360 степени“ утрово изјави дека се уште нема нови информации во врска со случајот од Кичево и дека засега остануваат на тоа дека сите надлежни институции се активно вклучени во процесот на епидемилошка анализа, евентуална лабораториска потврда и изолација на суспектниот случај.
Од ИЈЗ ни изјавија дека се уште нема информации за тоа дали се работи за ваков случај. Директорот Шабан Мемети вели дека процедурата за тоа е пообемна и опфаќа и лабораториски испитувања и социолошки импликации.
Никој од нив не можеше да каже кога би можело да се очекува резултатот од земениот примерок.
Случајот со 43-годишниот кичевчанец, кој престојувал во Австрија го објавија од кичевската болница каде тој пристигнал со симптоми на изнемоштеност и видливи траги по кожата, а лекарите му препорачале да се тестира за мајмунски сипаници.
Лицето во болница се јавило во понеделникот откако се вратилo во земјава по тринеделен престој во Австрија.
Во болницата, како што изјавија за ТВ Алсат , по прегледот, наместо да се тестира, човекот си заминал.
Синоќа, претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски за Сител изјави дека пациентот е лоциран, контактиран е од надлежниот епидемиолог во Битола и првичната епидемиолошка анкета е завршена, а примерокот е пратен во ИЈЗ за тестирање. Тој е во добра здравствена состојба и нема потреба од хоспитализација.
Комисијата за заразни болести синоќешниот состанок препорача воведување мерки изолација/карантин за сите суспектни случаи како и секојдневно следење на контактите на заразените лица.
„КЗБ препорачува изолација во домашни или болнички услови на сомнителните случаи за мајмунски сипаници до нивно тестирање; изолација на потврдени случаи во домашни или болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите; секојденвно епидемиолошко следење на контакти на потврдени случаи со мајмунски сипаници за време на трење на инкубацискиот период од 21 ден. КЗБ ја реафирмира препораката до Министерството за здравство да се преземат сите неопходни превентивни мерки”,
се вели во соопштението на Комисијата за заразни болести.