Вчера се одржа првата официјална средба за соработка на работните групи на Движењето ЗНАМ – „За наша Македонија“ и на ВМРО-ДПМНЕ, на која, како што соопштија од ЗНАМ, се разговарало за политичките начела и платформа за соработка, како и за стратешките определби
Конечен договор за коалицирање меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Движењето ЗНАМ – „За наша Македонија“ сѐ уште нема, иако вчера првпат се состанаа работните групи од двете партии.
Ова денеска го соопшти портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, одговарајќи на прашање како поминале разговорите со Движењето ЗНАМ, дали ќе станат дел од владата и кои ресори би ги добиле, а посочувајќи дека разговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Движењето ЗНАМ се одвиваат во позитивен дух.

Вчера се одржа првата официјална средба за соработка на работните групи на Движењето ЗНАМ – „За наша Македонија“ и на ВМРО-ДПМНЕ, на која, како што соопштија од ЗНАМ, се разговарало за политичките начела и платформа за соработка, како и за стратешките определби.

„Сѐ уште нема конечен договор. Она што можам да го кажам е дека разговорите се одвиваат во позитивен дух“,
рече Стоилковски.
На средбата од страна на Движењето ЗНАМ присуствувале генералниот секретар Горан Минчев и потпретседателите Весна Бендевска и Павле Арсоски, додека од страна на ВМРО-ДПМНЕ присуствувале потпретседателите на партијата, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски.
Од партијата на Максим Димитриевски посочија дека на средбата инсистирале идеолошките столбови на кои ја темелат својата платформа, како и дел од програмата за парламентарните избори „Проглас за достоинствена Македонија“ да бидат дел од идната владина програма.
Пред два дена пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, по прегласувањето за парламентарните избори на седум избирачки места во изборните единици 5 и 6 рече дека новата влада се очекува да биде формирана до 20 јуни и веројатно ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ и Движењето ЗНАМ.
„360 степени” во четвртокот објави дека има контакти меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ на тема соработка во идната влада, но дека исходот е неизвесен.
Прегласувањето на парламентарните избори во изборната единица 6 ја намали разликата на освоени мандати на двете коалиции кои ги претставуваат Албанците во државата. Коалицијата „Вреди“ сега ќе има 14 претставници во парламентот, односно еден повеќе од освоените 13 мандати на изборите на 8 мај, а коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ падна од 19 на 18 пратенички места.