Тој предупредува дека доколку дувне северозападен ветер, граѓаните на Скопје и вечерва повторно ќе го чувствуваат чадот од овој пожар, иако во однос на вчерашниот и завчерашниот ден, денес е значително намален
Ангелов, исто така, упатува апел до граѓаните да го пријават секое сомнително однесување, бидејќи има индикации дека поголем дел од пожарите коишто во овој момент се активни се намерно подметнати, а еден од мотивите, како што вели, е криење на кривично дело крадење на дрва, дрвокрадство

Пожарот кај селото Грачани сè уште е активен и се симнува кон магистралниот пат, поточно кон реката Лепенец, во насока на косовската граница, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, по попладневната видеоизјава.
Според него, поголем дел од пожарната линија се одвива од косовска страна, но дел се одвива и на македонска страна.
Тој предупредува дека доколку дувне северозападен ветер, граѓаните на Скопје и вечерва повторно ќе го чувствуваат чадот од овој пожар, иако во однос на вчерашниот и завчерашниот ден, денес е значително намален.
„Очекувам до вечер да биде воспоставена целосна контрола врз овој комплексен пожар за гаснење на кој во текот на денот интервенирале ‘ертракторите’, како и еден полициски хеликоптер “,
вели Анеглов.
Ангелов рече дека овој пожар е еден од 20-тината што се регистрирани во земјава од кои поголемиот дел сè уште се активни, а состојбата ја оцени како алармантна.
Друг активен пожар во околината на Скопје е на Скопска Црна Гора кај Рамно, пожар којшто, како што посочи Ангeлов, некој упорно го потпалува веќе неколку пати.
„Намерно подметнат пожар повеќе од сигурно. Но, генерално и над Скопска Црна Гора, но и на други локации, постојано имаме подметнување на пожари. На него работат скопските пожарникари со екипи на Национални шуми“,
додава Ангелов.
За пожарот којшто изби во близина на село Октиси и Подгорци на територијата на Општина Струга Ангелов вели дека е активен и навлегол во мешовита шума, во којашто има и борова шума.
„Воспоставена е почетна контрола, се надевам дека денес пожарникарите ќе го стават под целосна контрола. Исклучително тежок терен за гасење, густа шума, тешка за движење“,
вели тој.
На територијата на Општина Струга, директорот на ДЗС вели дека е активен и пожарот од вчера, односно оној што гореше во атарот на селата Селци и Локов. Ангелов вели дека таму во текот на ноќта, но и денеска, работи огнен тим на ДЗС составен од доброволни пожарникари од Битола.
„Воспоставија речиси целосна контрола, остана уште еден мал крак којшто го работат во овој момент, но по нивните кажувања има многу горлива маса на самата подлога, многу лисја, суви гранки, трње коишто е тешко да се исчистат, но очекувам денес овој пожар да биде целосно изгаснат и вечер да не претставува закана за околните села, но и вознимирување кај околните жители“,
информира Ангелов.
Пожар којшто е навлезен во борова шума има и кај Градско, кај селото Ногаевци, за кој Ангелов вели дека може да се забележи од автопатот како густ црн чад во вид на печурка. На гаснењето на овој пожар работат велешките пожарникари со поддршка на огновите тимови на ДЗС.
Ангелов вели дека пожар има и кај село Белица на територијата на Општина Македонски Брод, каде веќе втор ден гори нискостеблеста земја, претежно трева, грмушки, трње, на некои места влегува во неквалитетна шума.
Кај Село Тајмиште, Кичево, повторно има пожар, во близина на кој пожар претходно имало друг пожар, и како што појасни Ангелов, се сомневаат дека и тој е подметнат. Нов пожар, избил и кај село Добреноец, а запалена е и штипската депонија, а за жал запалени се уште неколку депонии на територијата на државата.
„Со еден збор имаме премногу пожари, нашите сили се преморени, работат пожртвувано, даваат се од себе и пожарникарите, и тимовите на Дирекцијата за заштита и спасување, тимовите на Национални шуми, пилотите, воздухопловниот персонал. Сите оние коишто се вклучени во активностите за гасење на пожари даваат се од себе. Но, најдобрата заштита од пожари е доколку истите не бидат предизвикани, затоа по којзнае кој пат апелирам до граѓаните, ве молам внимавајте, доволна е само искра за вистинска катастрофа“,
кажа Ангелов.
Тој, исто така, упатува апел до граѓаните да го пријават секое сомнително однесување, бидејќи има индикации дека поголем дел од пожарите коишто во овој момент се активни се намерно подметнати.
Мотивите генерално, како што појасни Ангелов, може да ги класифицираме во неколку категории, а една од тие категории е криење на кривично дело крадење на дрва, дрвокрадство.
