Министерот за здравство Венко Филипче информира и дека е затворено Одделението за трансфузиологија во охридската болница поради контакт на персоналот со заразен пациент
Владата ги засили мерките за заштита во Куманово, каде што во последните 24 часа се регистрирани пет нови случаи на инфицирани со коронавирусот и од каде што беше првиот смртен случај како последица на новиот вирус. Министерот за здравство Венко Филипче, на попладневната прес-конференција, информира дека на денешната владина седница е донесена одлука за укинување на градскиот, како и на меѓуградскиот превоз на Куманово со други населени места во земјава.
„Препорачавме да се затворат сите продавници во форма на полуотворени трговски центри и донесовме одлука со која се задолжи Институтот за јавно здравје за поинтензивна работа во Куманово и во околината, со оглед на тоа што една од позитивните лица живеее во околината на градот. Сметаме дека со укинување на врските има сериозна шанса да се спречи патот на ширење на вирусот“,
рече Филипче.
Од пет нови случаи во Куманово во последните 24 часа, како што рече, тројца се здравствени работници – двајца лекари и една медицинска сестра.
*поврзани вести: Куманово бара Владата да прогласи карантин на целата општина
Прв смртен случај од коронавирус во Македонија: Почина жена во Куманово
Во последното деноноќие во земјава се регистрирани 12 нови случаи на коронавирус, од кои другите седум се во Скопје. Со тоа, вкупната бројка на заразени стигна до 148 лица, од кои едно е излекувано, а две се починати. По градови, најмногу заболени има во Скопје – 88, па Дебар – 40, Куманово – осум , Штип -седум, Кавадарци и Охрид – по два пациенти и Гостивар – еден.
На Инфективната клиника има 29 пациенти што се лекуваат стационарно, од нив една пациентка е во тешка состојба, а шестмина се со потешка клиничка слика. Амбулантски се прегледани седум пациенти, од кои тројца се хоспитализирани, а други тројца се на домашно лекување.
Филипче информира дека од денеска ќе се тестираат сите лица кои беа во врска со случајот со Клиниката за кожни болести, каде што беше инфицирана директорката. Бидејќи станува збор за голем број лица, кои се се уште во изолација, тие ќе бидат тестирани во циклуси, за да не се оптеретуваат лабаториите.
Министерот за здравство информира и дека е затворено Одделението за трансфузиологија во болницата во Охрид, затоа што дел од персоналот бил во контакт со пациент кој подоцна развил симптоми на коронавирус. Оваа дејност моментно е преземена од трансфузиолошката службата од болицата „Свети Еразмо“.
Завршиле и испитувањата во болиницата во Кавадарци, каде што со коронавирус е заразена една лекарка. Филипче рече дека никој од персоналот во болницата и од пациентите на Одделението за психијатрија не е позитивен на тестот за коронавирусот, за што дополнитело тестирање ќе има по 14 дена.