Комуникацијата со едниот хеликоптер била изгубена во 22 часот и 38 минути во близина на островот Торишима, а една минута подоцна бил примен итен сигнал од ова летало. Половина час подоцна, војската сфатила дека комуникацијата е изгубена и со другиот хеликоптер во истата област
Едно лице загина, а седум се водат за исчезнати откако два јапонски воени хеликоптери се урнале додека вршеле обука и летале над морето, пренесува „Гардијан“.
Портпаролот на јапонските сили за самоодбрана изјави дека несреќата се случила доцна синоќа, како и дека едно лице било пронајдено, а за кое подоцна потврдиле дека е починато.
Министерот за одбрана Минору Кихара рече дека спасувачите „забележале нешто што личи на дел од хеликоптер во морето, па затоа се верува дека се урнати и двата хеликоптери“.
„Во овој момент причината за падот е непозната, но ние даваме сѐ од себе прво да спасиме животи“,
рече тој.
Неколку часа подоцна, Кихара соопштил дека спасениот член на екипажот е починат.
Според него, надлежното министерство ја анализира причината за инцидентот, вклучително и можноста за судир на двата хеликоптери.
Се чини дека хеликоптерите се урнале за време на ноќна обука кај пацифичкиот остров Изу, јавуваат јапонските медиуми.
Комуникацијата со едниот хеликоптер била изгубена во 22 часот и 38 минути во близина на островот Торишима, а една минута подоцна бил примен итен сигнал од ова летало. Половина час подоцна, војската сфатила дека комуникацијата е изгубена и со другиот хеликоптер во истата област.
Хеликоптерите Мицубиши СХ-60K главно оперираат од страна на поморски разурнувачи.
Морнарицата соопштила дека немало други авиони или бродови во областа каде што исчезнале хелохоптерите, па затоа сметаат дека е мала веројатноста да има вмешаност од друга земја во инцидентот.
Јапонија ги зголемува трошоците за одбрана и ја продлабочува соработката со САД и другите земји во Азија како одговор на зголемената кинеска самоувереност во регионот и непредвидливата Северна Кореја.
Во април 2023 година, јапонски воен хеликоптер со 10 луѓе се урна кај островот Мијако во Јужна Окинава.