Јавното претпријатие „Комуналец“, „Мој општинар“ и пожарникарите од кавадаречката бригада, како што информира градоначалникот Митко Јанчев, работеа на расчистување на улиците од паднатите дрвја, ги чистеа сливниците и големите наноси од кал и песок по градските улици
По вчерашното невреме во Кавадарци, на терен беа мобилизирани сите служби за справување со последиците, информира утринава кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
Јавното претпријатие „Комуналец“, „Мој општинар“ и пожарникарите од кавадаречката бригада, како што информира Јанчев, работеа на расчистување на улиците од паднатите дрвја, ги чистеа сливниците и големите наноси од кал и песок по градските улици.
„По обилното невреме, кое во текот на вчерашниот ден го зафати нашиот град и за кратко време беа наврнати големи количества на дожд, град и силен ветер, сите служби беа мобилизирани и на терен во интерес и функција на граѓаните. ЈП ‘Комуналец’, ‘Мој општинар’, ТППЕ Кавадарци работеа на расчистување на улиците од дрвја, се чистеа сливници и големи наноси од кал и песок по градските улици“,
информира градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Кавадарци вчера беше зафатено од кратко, но силно невреме проследено со обилен дожд, град и ветер.
Како последица на невремето, на некои места од своето корито се излеа реката Луда Мара, а дел од улиците во градот беа блокирани од паднати дрвја. Земјоделци се жалат дека има штети и кај земјоделските култури.