Вкупно 55 пациенти со компликации на ковид-19 се хоспиталзирани низ болниците во Скопје во последниве 24 часа. Со последните податоци во главниот град се болнички се лекуваат вкупно 406 пациенти.
„Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 76 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка“,
велат од Министерството за здравство.
Според нивните податоци во ковид-центрите во внатрешноста се лекуваат вкупно 589 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот или вкупно во целата земја се хоспитализирани 995 ковид-пациенти.
„Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 995 и има околу 400 празни болнички кревети во ковид центрите. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени“,
информираат од Министерството за здравство.