Потребата од ново законско решение во интерес на образовниот систем и квалитетот на воспитно-образовниот процес во државата е очигледна и неопходно е поставување на повеќе дополнителни филтри за контрола при изработка и одобрување на содржината на учебниците, велат од МОН

Министерството за образование и наука и Педагошката служба иницираат процес за изработка на нов закон за учебници за основно и средно образование.
Целта, како што велат од МОН, е подигнување на квалитетот на содржината на учебниците како и подобрување на процесот на откуп и одобрување на учебници во основното и средното образование.
Од МОН упатуваат апел до сите заинтересирани да дадат свои сугестии и предлози.
„Почитувајќи ги принципите на транспарентност и инклузивно креирање политики и законски решенија, МОН и Педагошката служба упатуваат повик до сите заинтересирани, да го разгледаат постојното законско решение објавено на следниот линк, кое е основа за изработка на нов закон и да дадат свои сугестии и предлози на електронската адреса [email protected], најдоцна до 28.02.2023 година“,
информираат од МОН.
Секој конструктивен предлог, велат оттаму, ќе биде предмет на дискусија од страна на посебна работна група формирана за оваа намена, по што откако ќе биде креирана нацрт верзија на новото законско решение, ќе биде проследена до Владата, а потоа и до Собранието на финална дебата и конечно усвојување.
Како што нагласуваат од МОН, потребата од ново законско решение во интерес на образовниот систем и квалитетот на воспитно-образовниот процес во државата е очигледна и неопходно е поставување на повеќе дополнителни филтри за контрола при изработка и одобрување на содржината на учебниците, но и изнаоѓањето начин за поттикнување на што поголема конкуренција да учествува на јавните повици за одобрување на учебници.
Пред околу еден месец во учебниците по Историја и општество за петто одделение и по Географија за осмо одделение беа откриени грешки. Во учебникот по Историја и општество за петто одделение во Тема 2 – „Населението и континентите“, на децата им се нуди информација дека највисокиот врв на светот, Монт Еверест на Хималаите, е висок 29 305 метри. Досега се учеше дека врвот што го нарекуваат и покривот на светот е висок 8 849 метри.
Во истиот учебник и истата тема во делот каде што се опишуваат географските карактеристики на Македонија, наведено е дека земјава на исток се граничи со Република Албанија, а на запад со Република Бугарија. Северниот и јужниот сосед се правилно напишани, Србија и Косово на север и Грција на југ.
По скандалот со новиот учебник по Историја и општество за петто одделение, на социјалните мрежи се ширеа реакции и за содржините што ги има во учебникот по Географија за осмо одделение.
Во втората тема „Социо-географски карактеристики и регионална поделба на Европа“ во лекцијата „Основни карактеристики на населението во Европа“ се наведува: „Народи од жолтата раса во Европа се: Финците, Унгарците, Турците, Татарите и други“.
Ресорниот министер Јетон Шаќири тогаш најави дека до почетокот на второто полугодие сигурно ќе се најде решение за спорниот учебник.
Тој додаде дека ако Педагошката служба констатира дека во учебниците нема повеќе од 30 отсто грешки, тогаш ќе се најде начин како да се коригираат грешките кои се веќе дел од испечатените учебници.