Волонтерите ќе работат од 16 до 20 часот
Од денеска во Скопје ќе биде отворен хуманитарен пункт каде што ќе се собираат материјални добра за граѓаните од опожарените места во Источна Македонија.
Граѓаните ќе можат да донесат конзервирана храна, облека, патики, мебел, душеци и разни други материјални добра, кои потоа ќе бидат однесени во триесетина села на околу 400 домаќинства.
Пунктот ќе биде до „Ист гејт мол“, во близина на комуналното претпријатие.
Во објавата на „Фејсбук“ на „Хуманитарни акции во Македонија“ се вели дека волонтерите ќе работат од 16 до 20 часот.
„Ако сакате да донирате во Скопје, но немате превоз да донесете, пишете во коментар од која населба сте – ние ќе ви вратиме на коментарот. Сите кои сакате да волонтирате или да помогнете со локален транспорт/ преземање на донациите пишете ни на официјалниот број или на Вибер. 070601068 “,
стои во објавата,
Акцијата е во координација на коалицијата предводена од „Хуманитарни акции“, Конфедерација на Синдикалните организации на Македонија КСОМ и ИПО – Интернационална полициска организација.
Инаку, според последните информации од Центарот за управување со кризи, активни се 5 пожари, а 3 се под контрола. Гори во Македонски брод — кракот кон Јасен, Илинска планина и с. Базерник, во Гевгелија кај с. Фурка кон Каравелија, во Општина Студеничани (Драчевица- Црвена Вода) и во Пробиштип ( с. Зеленград и Јамиште)
Под контрола е пожарот Косел, пожарот во Општина Богданци према ветерниот парк Богданци, како и пожарот во село Латово, Пласница.
Во текот на вчерашниот ден изгаснати се 21 пожар.