Ковид-19 донесе нови одложувања на судскиот процес за масовното прислушување, познат во јавноста како „Таргет-Тврдина“.
Втор обвинет во овој предмет, Васил Исаковски, е позитивен на ковид-19, што беше причина да се одложи денешното рочиште. Засега тој има решение за изолација до 21 ноември, што значи дека и наредното рочиште кое требаше да се одржи на 16 ноември е одложено.
Претходно, позитивен на коронавирусот беше и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, што беше причина и во текот на октомври да се одложат неколку судски рочишта. Мијалков оздраве и се врати на обвинителна клупа, но сега има иста ситуација, ама со друг обвинет.
Судијката Џенета Бегтовиќ, која го води процесот, имајќи ги предвид новите околности и големиот број оштетени кои треба да се произнесат за овој предмет, им предложи на обвинителите да дадат мислење за издвојување на постапката против обвинетиот Исаковски.
Но, еден од застапниците на обвинението, обвинителот Трајче Пеливанов, даде негативно мислење, со образложени дека домашната самоизолација на обвинетиот Исаковски ќе трае уште осум дена.
Денеска во својство на оштетени требаше да сведочат околу 40 лица, меѓу кои новинари, лица од јавниот живот и поранешни вработени во МВР.
Во „Таргет-Тврдина“, Мијалков е првообвинет, а обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски (двајцата избегаа во Грција и им се суди во отсуство), како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби и на 1 541 број или вкупно 5 827 телефонски броја. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.