На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Народна Република Македонија, е усвоена азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо врз принципот еден глас – една буква
Под слоганот „Пишувај кирилица!“ денеска земјава го одбележува 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.

На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Народна Република Македонија, е усвоена азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо врз принципот еден глас – една буква.
Ковачевски: Македонскиот јазик е втемелен во европското законодавство
Македонскиот јазик денес е познат и признат како столб на нашиот народ и е втемелен во европското законодавство, а за првпат, со потпишувањето на договорот со Фронтекс, неговиот статус како рамноправен со сите други јазици кои се зборуваат во Европската Унија е неприкосновен, порача премиерот Димитар Ковачевски во честитката упатена до Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје по повод денешниот ден.
„Со гордост можам да кажам дека ја исполнуваме мисијата и визијата на нашите предци. Ќе продолжиме и понатаму да се грижиме за македонскиот јазик бидејќи ‘сè додека го чуваме и негуваме јазикот наш македонски’, како што вели нашиот великан Блаже Конески, ‘ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште’“,
додава Ковачевски во честитката.
Костадиновска-Стојчевска: Новиот Закон за употреба на јазици е одговор на новите случувања во општеството
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, честитајќи го Денот на македонскиот јазик, упати благодарност и почит кон сите што учествуваа во изготвувањето на новиот Закон за употребата на македонскиот јазик, чиј предлог пред неколку дена е усвоен од Владата.

„Најголемата новина е воведувањето Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик, кој ќе биде во состав на Министерството за култура со својство на правно лице. Инспекторатот ќе укажува онаму каде што ќе се најдат неправилности во јавната употреба на македонскиот јазик, во институциите кои немаат ангажирано лектор“,
рече министерката за култура.
Втората новина, рече таа, е тоа што секоја институција е задолжена да има вработено лектор. Според неа, на тој начин би се поттикнале младите и студентите во процесот на зачувување и унапредување на македонскиот јазик.
Гир: Со членството во ЕУ, вашиот јазик ќе стане наш јазик
Кога Северна Македонија ќе стане земја членка на ЕУ тогаш и македонскиот јазик ќе стане дел од семејството јазици на ЕУ и со тоа ќе стане официјален јазик во рамки на Унијата, порача евроамбасадорот Дејвид Гир на денешниот панел за афирмација на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

„Токму поради таа причина ние во ЕУ даваме огромна поддршка на промоција на македонскиот јазик. ЕУ досега има финансирано превод на 400 книжевни дела, т.е. на романи пишувани од европски автори кои се преведуваат на македонски јазик. Унијата дава финансиска поддршка на годишната награда за превод во Северна Македонија наречена ‘Вавилон’ што се дава на млади преведувачи“,
рече Гир.
Тој потсети дека ЕУ финансира и многубројни кампањи за промоција на македонскиот јазик, при што, како што рече, неодамна ја почнале и кампањата за промоција на македонскиот јазик со делото „Раѓањето на зборот“ од познатиот македонски автор Ацо Шопов.
Агелер и Ескобар со македонски поговорки го честитаа празникот
Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, и други американски дипломати денеска преку видеопорака упатија честитка по повод Денот на македонскиот јазик.
„Дали знаете дека некои американски дипломати учат македонски јазик пред да дојдат во Скопје?“,
се обрати Агелер на македонски јазик на почетокот на видеото.
Покрај честитките, американските дипломати и волонтери на Мировниот корпус на САД, во видеопораката на македонски јазик кажуваат популарни поговорки и поуки од македонската историска, народна и културна традиција.
По повод Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, надлежните институции денеска организираат дебати и повеќе културни настани, а во вечерните часови на објекти во неколку градови низ државава ќе има светлосни и видеопроекции со цитати од македонско творештво.