Бројот на пациенти суспекти и потврдени на ковид-19 кои се лекуваат во болниците низ земјава се намалува. Според податоците на Министерството за здравство, хоспитализирани се 806 пациенти во ковид-центрите, а слободни се 864 кревети.
Во Скопје во последното деноноќие се хоспитализирани 22 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 340 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
„Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 466 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 54 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19, а во Штип се хоспитализирани 51 пациент. На инфективното одделение во Тетово има 11 пациенти, во Велес се лекуваат 59 болни, а во Куманово 57 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19“,
информираат од Министерството за здравство.
Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 55 пациенти, во Прилеп 40, во Гостивар 15, а во Струга 14 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 50 пациенти, во Кочани 20, во Кичево 10, Кавадарци 24, а во Гевгелија 6 лица позитивни и суспектни на коронавирусот.
„Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 806 и има околу 864 празни болнички кревети во ковид-центрите. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени“,
велат од Министерството за здравство.