Во изјава за медиумите, Битиќи рече дека слободата на изразување и слободата на говор, независно во кој сектор е, никој не може да ја оспори
Се надевам дека судот ќе ја преиначи одлуката за Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и дека ќе биде само еден лош ден на една судијка која, поради своето убедување, го направила тоа и дека ќе се вратиме во тоа што сите треба да живееме – слободата на изразување, слободата на говор, независно во кој сектор, никој не може да ја оспори, одговори денеска на новинарско прашање вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи за коментар за судската пресуда за ИРЛ.

Во изјава за медиумите, Битиќи рече дека слободата на изразување и слободата на говор, независно во кој сектор е, никој не може да ја оспори.
„Прво, сметам дека е фер да не коментирам одлука на судови затоа што тоа е друга власт. Но, како човек кој бил дел од граѓанскиот сектор, сметам дека ограничувањето на слободата на изразување, на кого било е многу сериозно и штетно за понатамошниот развој на општеството. Се надевам дека одлуката на повисокиот орган во судот ќе ја преиначи таа одлука и дека ќе биде само еден лош ден на една судијка која, поради своето убедување, го направила тоа и дека ќе се вратиме во тоа што сите треба да живееме – слободата на изразување, слободата на говор, независно во кој сектор, никој не може да ја оспори. Ги охрабрувам не само вашите колеги од ИРЛ, туку и сите други кои работат во граѓанскиот сектор, во медиумите, да продолжат да го прават тоа како што најдобро знаат да го прават“,
рече Битиќи.
За случајот свој став кажа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој рече дека за конкретниот случај со ИРЛ може да апелира до судиите кои судат вакви случаи да бидат извонредно внимателни и да ги консултираат европските стандарди определени со случаите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, но и со други стандарди во Поглавјето 23 за медиумските слободи.
На судската одлука против новинарката Сашка Цветковска и ИРЛ во спорот што го поведе бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев реагираа од Здружението на новинари на Македонија и од Самостојниот синдикат на новинари.
Во петокот тие одржаа протест пред Граѓанскиот суд во Скопје.
Новинарите на ИРЛ на протестот ставија самолепливи ленти на усните, на тој начин симболизирајќи оти некој се обидува да ги замолчи и цензурира нив и нивната истражувачка работа.
Во неодамнешната пресуда на Граѓанскиот суд против Истражувачката репортерска лабораторија се спори статусот на новинарите во ИРЛ и се тврди дека ИРЛ не е медиум, односно не е здружение за „новинарски известувања“, дека нема ниту својство на медиум, како средство за јавно информирање според Законот за медиуми, a неговите членови немаат својство на новинари ниту можат, заради известување на јавноста, да прават новинарски обликувани емисии, да се претставуваат како новинари или да се занимаваат со истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање.