АМСМ информира за зголемен интензитет на сообраќајот надвор од градските средини и апелира на внимателно возење поради можни одрони на неколку патни правци
Зголемена фреквенција на возила утрово се бележи на граничниот премин „Богородица“, каде што времето на чекање за излез од државата изнесува околу два часа. На „Табановце“, пак, за влез во земјава се чека околу 30 минути, а според извештајот на Авто мото сојузот на Македонија (АМСМ), на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по претежно суви коловози, но со значително зголемен интензитет на патните правци кои водат надвор од градските средини. Од АМСМ препорачуваат приспособена брзина на движење, доследно почитување на поставената сообраќајна сигнализација и исклучително внимателно управување со возилата, а оваа препорака особено важи за патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде што постои реална можност за појава на одрони, со посебен акцент на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
