Гугл не презема ништо против Телеграм како во случајот против услугата за микроблогирање Парлер, се вели во тужбата од Коалицијата за побезбедна мрежа во САД
Шефот на американската невладина Коалиција за побезбедна мрежа и поранешен амбасадор на САД во Мароко, Марк Гинсберг, покрена тужба против „Алфабет“ со барање да го отстрани Телеграм од продавницата за апликации на „Гугл плеј“.
Гинсберг тврди дека Телеграм бил користен за ширење закани и координирање на расистичко насилство, особено пред заклетвата на новиот претседател Џо Бајден и по убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд во Минесота, што покрена огромни антирасистички протести во САД, но и во дурги делови во светот од што произлезе движењето „И живоите на црнците вредат“.
„Гугл не презема ништо против Телеграм, како што беше случајот против услугата за микроблогирање ‘Парлер’, за да го принуди да ја подобри својата политика за модерирање на содржината“,
се наведува во тужбата, пренесе „Блумберг“.
„Парлер“ беше отстранет од продавниците за мобилни апликации на „Епл“ и „Гугл“ поради неговата наводна улога во координирањето и поттикнувањето на немирите во САД на 6 јануари, кога беше упадот на Капитол Хил.
На 17 јануари, Коалицијата за посигурна мрежа веќе поднесе слична тужба против „Епл“. Основачот на Телеграм Павел Дуров минатата недела изјави дека модераторите блокирале стотици јавни повици за насилство за време на немирите во САД.