Собранието на Република Северна Македонија синоќа избра четири нови министри: Кренар Лога (Алијанса) – министер за правда; Фатмир Меџити (Алијанса) – министер за здравство; Азир Алиу (Алијанса) – министер за информатичко општество и администрација; и Каја Шукова (СДСМ) – министерка за животна средина и просторно планирање
Нов дебакл доживеа заложникот на Димитар Апасиев и Левица, Христијан Мицкоски. Паднаа во вода сите негови лаги за ново парламентарно мнозинство, за распуштање на Собранието кон крајот на февруари и предвремени парламентарни избори во мај, соопштија од владејачкиот СДСМ по синоќешниот избор на четири нови министри во Владата.
„Синоќа, на 27февруари, новите министри во Владата беа изгласани со 65 пратеници ‘за’ и без ниту еден глас ‘против’, што претставува зголемување на актуелното парламентарно мнозинство. Десет дена пратениците од ВМРО-ДПМНЕ преку долги и бесмислени дебати, каде што зборуваа за се освен за она што е тема, се обидуваа да го пролонгираат изборот на новите министри. Десет дена пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го кочеа изборот на министри и со тоа ја опструираа работата на одредени министерства, на штета на граѓаните, за на крајот, како и многу пати досега, кога дојде време за гласање, тие не смогнаа сили ниту да гласаат против предлозите кои толку многу ги критикуваа“,
велат од СДСМ.
Оттаму нагласуваат „зголеменото парламентарно мнозинство е нов пораз на дејствувањето на Мицкоски и ново разобличување на неговите лаги дека Собранието само што не се распуштило“.
СДСМ преку зајакнатото парламентарно мнозинство продолжува со реализација на реформите, на мерките и политиките што се во интерес на државата и граѓаните, додаваат од владејачката партија.
Собранието на Република Северна Македонија синоќа избра четири нови министри: Кренар Лога (Алијанса) – министер за правда; Фатмир Меџити (Алијанса) – министер за здравство; Азир Алиу (Алијанса) – министер за информатичко општество и администрација; и Каја Шукова (СДСМ) – министерка за животна средина и просторно планирање.
Од присутни 114 пратеници во салата, „за“ Лога, Алиу и Шукова вкупно гласаа 65 пратеници, без ниту еден против и ниту еден воздржан. Алиу беше избран со 64 гласа „за“ и без ниту еден против и ниту еден воздржан.
По гласањето, новите министри положија свечена заклетва.